steam-joystick

Valve, компанијата која го револуционизираше онлајн играњето со Steam, планира да ја збогати хардверската понуда на компоненти со нов систем за виртуелна реалност, а воедно и конечно да го лансира долго очекуваниот џојстик.

Системот за виртуелна реалност на Valve ќе биде претставен на “Game Developers Conference”, што значи дека компанијата битката ќе ја почне прво кај развивачите на игри, а потоа кај гејмерите, што е логично, бидејќи за да успее платформата за виртуелна реалност, ќе бидат потребни повеќе игри кои ќе може да работат со нејзе.

Steam VR системот ќе работи со првиот оперативен систем на Valve, Steam OS, кој веќе се нуди на пазарот во облик на мали компјутери за дневната соба, Steam Machines, кои би требало да конкурираат на најпопуларните играчки конзоли Sony Playstation 4 и XboX One, особено во делот на перформансите и понудата на игри.

Системот за виртуелна реалност на Valve ќе се базира на Valve VR, прототип хардвер, кој може да го следи движењето на главата, а е тесно развиван со Oculus, производителот кој излезе прв на VR сцената. Тогаш, системот беше презентиран со играње на Dota 2, но со оглед на новиот развој на настаните и потврдата дека уредот ќе биде лансиран на конференцијата за дивелопери, за очекување е да се понудат многу повеќе популарни игри.

steam-vr

Сепак, и покрај големите очекувања и соработката со големите гејмерски брендови, како AlienWare и CyberPowerPC, Steam Machines се уште немаат оставено некој белег на пазарот и се уште се во бета верзија. Причината за тоа е делумно и џојстикот, кој е се уште во фаза на развој и беше неколку пати одложуван и менуван после оставениот фидбек на бета тестерите, иако сега од Valve тврдат дека ова е финалната верзија.

Инаку, досега, главни играчи во виртуелната реалност се Oculus, Sony и Samsung, кои веќе лансираа свои уреди и ја почнаа револуцијата во виртуелната индустрија, но и Microsoft, кој со HoloLens најави малку поразлична идеја која вклучува и холограми. Како и да е, чувството е дека иднината која ни ја најавуваа Sci-Fi филмовите конечно дојде, на што секој гик може само да се радува.

Извор: Cnet, The Verge

Претходна статијаBoxx Apexx 5 – чудовиште од компјутер со 36 процесорски јадра и 5 графички карти!
Следна статијаStart10 – Stardock со Старт мени замена и за Windows 10