Ја немам гледано верзијата на Дина од 1984 од почеток до крај. Само поединечни сцени, кои се толку кринџ што не би ни помислил да трошам два саати за на крај да ми чкрипи мозокот.
Уште кога најавија фактори ресет на се што било во минатото и снимање нов филм во режија на Дени Виленеув, имав чувство дека Дина ќе ја добие екранизацијата што и тоа како ја заслужува.
Уште од самиот старт, Виленеув те вовлекува во универзумот како што само тој умее. Сети се на првите сцени од Arrival или Prisoners, човекот знае дека мора да почне силно за да ја хукне публиката. Од првата сцена во Дина, очите ти се залепени за екранот и одбиваш да трепнеш од страв да не пропуштиш нешто битно.
Книгата важи како многу незгодна за филмска адаптација, затоа што изобилува со интерни дијалози на ликовите во кои тие ги покажуваат своите мотиви, стравови, скриени планови и сл. Башка има милион споредни (но битни) моменти што го кројат универзумот и политиката на Дина. Оттаму, постоеше страв дека истото нема да биде доловено во филмот, дека многу клучни моменти ќе останат заборавени. Но, се гледа дека Виленеув е вљубен во изворниот материјал и не би си дозволил да го масакрира она што е пресликано во книгата.
Секако, читајќи ја книгата точно знаеш што мисли и чувствува одреден лик во одредена интеракција и тоа едноставно не може да се пренесе на филм од ризик да те удави со дијалози и да ти „раскажува“ наместо „покажува“. Ама со Виеленеув можеш да се опуштиш, знаејќи дека си во рацете на мајстор. Знаеш што чувствуваат ликовите преку нивните погледи, не ти треба да чуеш што размислуваат. Од тоа што го имам видено, тоа беше една од главните работи што Дина од 1984 го направи лошо.
Во Дина 2021, за ова се најзаслужни глумците. Ваква екипа ретко гледаш во сај фај блокбастери. Актерски тешкаши што секоја година се во муабет за Оскар. Го имаш и Џејсон Момоа, што иако не е познат по своите неверојатни актерски способности, знае да го извади максимумот од својот лик, а неговата харизма внесува свежина во екстремно мрачниот универзум на Дина. Ребека Фергусон (Лејди Џесика) и Оскар Ајзак (Војводата Лето) се феноменални како и секогаш и имаат супер хемија на екран. Никогаш не сум гледал филм со Тимоти Шаламе, ама дечкото е создаден за толкување на водечкиот лик, Пол.
Прекрасните визуелизации, мрачниот амбиент и неверојатниот саундтрак на Ханс Зимер го прават овој филм доживување што треба да се искуси на најголемиот екран на кој можеш да го гледаш. Да се гледа на телевизор, речиси е навреда за сиот труд што влегол во создавањето на овој аудиовизуелен спектакл.
Имаше сомнежи дека вториот дел на Дина никогаш нема да дочека бел ден. Не е класичен блокбастер или суперхеројски серијал па висеше во воздух дали ќе има доволно посетители за да оправдаат продолжение. Сепак, легијата на фанови на Дина универзумот си го направиja своето, продолжението е најавено за 2023 година. Кој ќе чека до тогаш…