СОЗДАВАМЕ ПОДОБРА ИДНИНА, ЗАЕДНО

Пред една година, започнавме заедничка мисија да ја создадеме „Националната развојна стратегија (НРС)“ за Македонија, стратешки документ којшто ќе нѝ ја даде потребната јасност и визија за развојните цели и патека на нашето општество. За остварување на оваа стратегија, ќе биде потребно да вложиме напор и придонес сите ние, заедно, за нашата држава. Токму поради тоа дизајниравме процес којшто е инклузивен, сеопфатен и ќе ги повика сите да се вклучат во креирањето на заедничка визија за идниот развој на земјата. Истовремено, предвидовме процес којшто ќе учи од претходните искуства за создавање на стратегии, како и од искуствата на другите земји во развојното планирање. На крај, сакавме да вметнеме иновации и во развојот на стратегијата и во самиот документ.

Веруваме дека оваа стратегија за развој ќе создаде поволна средина, нов пат напред, што ќе му овозможи на нашето општество да се обедини и да го посочи патот за развој на нашата земја во наредните 20 години. Процесот на развој на НРС започна кога светот и нашата земја се соочуваа со еден од најсложените предизвици на нашето време, пандемијата на КОВИД-19 и нејзините ефекти. Меѓутоа, начинот на којшто реагираме на пандемијата не е единствениот избор што треба да го направат институциите и луѓето, во моментов нашите општества се соочуваат и со други бројни предизвици, како што се климатските промени, деградација на животната средина, миграција, управување со ресурсите, новите технологии и нивното влијание врз нашите животи и општества. Оттука, при процесот на креирање на НРС треба да се земат предвид вештините/способностите што треба да ги изгради едно општество, да одговори на краткорочните/долгорочните глобални предизвици во следните децении и да се осигура дека е доволно издржливо, вешто и агилно да одговори на нив. Ние ја гледаме НРС како платформа за забрзување на развојните политики која треба да помогне и во постигнувањето на целите за одржлив развој за нашата земја и како процес којшто е комплементарен и може дополнително да придонесе за процесот на пристапување во ЕУ. НРС може да нѝ помогне да ги врамиме подобро предизвиците од Агендата 2030 и дополнително да се фокусираме на нивната имплементација, како и ЕУ политиките, вклучително и зелениот нов договор и дигиталната агенда, а во исто време да ја искористиме колективната интелигенција и мудроста на нашите граѓани и да ги формулираме нашите приоритети во општествени предизвици и можности за раст. Националната развојна стратегија, ќе биде чадор стратегија која во себе ќе ги опфати сите веќе започнати процеси и планирани стратегии, ќе биде комплементарна на досегашните постигнувања и истите ќе ги надгради.

Веќе можеме да го видиме потенцијалот за „забрзување“ на НРС во пракса од аспект на домашните политики за развој. Заедно со претседателот Пендаровски беше постигнат договор за синхронизирање на НРС со тековната иницијатива МКД2030, предводена од Кабинетот на Претседателот на Републиката.

Во овој процес на креирање на НРС, усвоивме систематски пристап, што значи дека не сакавме да брзаме со однапред направени решенија за нашите уникатни општествени предизвици, туку да ја цениме сложеноста на нашата реалност и да научиме повеќе за системот што се обидуваме да го промениме. Во изминатава година го правиме токму тоа, учиме за нашиот систем. Се фокусиравме на учењето на најдобрите практики во креирањето стратегии за развој. Што можеме да подобриме во процесот на креирање јавни политики; како подобро да се мапираат и да се ангажираат општествените чинители да прават промени во нашите заедници; каква улога треба да има дигитализацијата во овој процес; како да се вклучат најновите развојни модели во нашето стратешко планирање, и што е најважно, како да се овозможи пристапот на цело општество до развојот на НРС.

Во својата книга „Мисија: Економија“ („Mission Economy“) професорката Маријана Мазукато детално зборува за важноста една „мисија“ како нашата (развојот на НРС) да вклучува различни гласови од почетокот на процесот, да ги претстави перспективите на граѓаните и импликациите на процесот врз нивниот секојдневен живот. Таа тврди дека „не е доволно да се има визија: од суштинско значење е да се вклучат граѓаните во таа визија“. Ние го делиме ова мислење и се обидовме да изградиме механизми во овој процес коишто покрај консултации со граѓаните ќе овозможат и конкретни механизми за ангажирање коишто ќе ги вклучат граѓаните во процесот на формулирање на стратегијата, но и во процесот на нејзино спроведување и следење. Една од клучните активности што ја применивме досега во процесот на НСР е вежба за замислување за иднината со нашите сограѓани, каде колективно се обидовме да ги [пре]испитаме нашите сегашни предизвици и каква иднина сакаме да изградиме како заедница. Овој процес директно го поттикнува креирањето на самиот стратешки документ и досега на овие “визионерски работилници“ активно беа вклучени повеќе од 1.000 граѓани од сите региони на земјата. Наскоро ќе биде промовирана и онлајн платформа, која ќе биде достапна за сите и секој во нашата држава ќе може да го следи самиот развој и дополнување на НРС, како и да даде свој придонес со коментари кои ќе бидат инкорпорирани во стратегијата.  

Процесот на НРС во својата суштина е процес на ко-креација, кој за да се имплементира ќе биде неопходен широк консензус и значајно вклучување на различни општествени чинители. Бидејќи се работи за нашата заедничка иднина и за нашата држава, која нѝ припаѓа на сите, НРС е шанса за обединување на нашето поларизирано општество и можност заедно да направиме план и визија за иднината зад коишто можеме сите да застанеме.

Процесот на развој на НРС го започнавме во услови на глобална пандемија, што е исклучително значајно од перспектива на надминување на кризата и согледување на неопходноста од креирање на оваа Национална развојна стратегија којашто ќе ја зајакне нашата отпорност на идните глобални предизвици. За време на пандемијата, во пракса и во криза, брзо научивме дека треба да бидеме агилни и прилагодливи за да ги надминеме предизвиците. Од симболичен аспект, процесот на НРС ќе се гради врз основа на истите принципи коишто се надеваме дека ќе ги пренесеме во самиот документ.

Ајде сите заедно да ги здружиме силите и да собереме храброст, да замислиме и да креираме подобра иднина, заедно!

———-

Владата на Македонија ги започна подготовките за развој на Националната развојна стратегија 2021-2041 на почетокот на 2021 година, преку проект поддржан од Фондот за добро владеење на Британската амбасада во Скопје и имплементиран од УНДП во координација со Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија за да се осигури дека во процесот, онаму каде што е потребно, се користи колективната експертиза на Обединетите Нации.

Претходна статијаSamsung Smart Monitor M8 од сега достапен и во Македонија
Следна статијаАпликациите за снимање на телефонските разговори веќе нема да можат да функционираат на Android