A Quiet Place (2018) беше откровение за хорор жанрот. Во тоа време истиот беше преполовен со медиокритети или бесконечни продолженија на филмови што имале каков таков успех претходните години. Се штанцаа по формула (со исклучок на некои одлични филмови како Хередитари). Се додека „Џим од Офис“ (Џон Красински) не одлучи да преземе нешто во врска со тоа.

Уште од старт идејата на Тивко место беше оригинална. Монструми што ловат луѓе, но само по слух. Што значи дека луѓето не смеат да зуцнат, ниту да стапнат на гранка. Монструмите можат да го чујат и најсуптилниот звук од голема далечина. Да, идејата потсеќа на Bird Box (таму видот беше во главна улога), ама тој филм е снимен по книга, и подоцна од Тивко место. Quiet Place ме потсеќа на филм за зомби апокалипса, само главната закана не се зомби.

Кецот ми беше еден од омилените филмови што ги гледав таа година. Продолжението беше закажано за ланската, ама се одложи од добро познати причини. Очекувањата беа големи, но традицијата работеше против Quiet Place 2. Нема многу хорор филмови (и општо од кој било жанр) што можат да се пофалат со исто толку добри продолженија.

Тивко место 2 е полн погодок. Речиси толку добар како и првиот. Односно, тоа што го направи првиот филм откровение е присутно и тука. Само со малку различен кастинг. Тензијата си вози од почеток до крај, не ти дозволува да се опуштиш цел филм. Нема да откријам спојлери, ама уште првата сцена ти најавува каков филм ќе гледаш. Неверојатно ефективен почеток на филмот. Нема никакво клише, никакви чизи реплики и (нереално) херојски подвизи. Се е толку приземјено што имаш впечаток дека ова лесно може да се случи и во реалниот свет.

А околу кастингот, нема што многу да се збори. Емили Блант е феноменална. Уште од Сикарио докажа дека е прејака актерка и со овие филмови само си го потврдува тој статус. Децата се исто одлични. Силиан Марфи (Томи Шелби од Пики Блајндерс) супер се вклопува во улогата и приказната.

Тешко е да се најдат замерки за ваков филм и лесно е дури да замижиш на некои моменти поради целокупниот впечаток. Ако морам да посочам нешто, тоа е дека филмот е прилично краток (околу саат и пол). Ама ова е повеќе само желба да трае искуството многу повеќе, а не вистинска замерка за филмот. Она што ми беше изненадувачки е крајот. Нагло ми заврши филмов, ќе треба пак да се гледа па да видиме тогаш што ќе каже.

Предобар филм. Како и првиот, верувам дека ќе биде меѓу подобрите годинава. Единствено ми е жал што не го гледав во кино. Красински полека станува многу битен играч во Холивуд. Дај боже да продолжи да прави вакви филмови.

Претходна статијаПознатиот бренд OnePlus стана официјално достапен за македонските купувачи
Следна статија21 ден во Европа со едно полнење на Huawei Watch 3 Pro