На почетокот од месецот, Македонски Телеком преку нивната веќе доста позната Magenta Moments програма, на корисниците им пушти нестандардна „награда“ достапна за сите бесплатно. 

Се работи за бесплатен пристап до Pro верзијата од пребарувачот базиран на вештачка интелигенција Perplexity. Пристапот може да се активира преку Telekom MK апликацијата и вклучува пристап до сервисот цела година. 

За Perplexity на кратко може да се каже дека е еден вид на конкурент на ChatGPT, но тоа не би било до крај точно. Овој сервис нуди повеќе од конкурентот од OpenAI и најдобро би можел да се опише како понапредна верзија на интернет пребарувачите, односно слободно може да се каже дека е иднината на пребарувањето на работи на интернет. 

Што е Perplexity Pro?

Perplexity Pro е премиум верзија на платформата Perplexity AI, дизајнирана да обезбеди побрзи, подетални и попаметни одговори на вашите прашања. Основната идеја е да служи како напредна алатка за пребарување, но со многу повеќе контекст и вештина од класичните пребарувачи како Google.

Со Pro верзијата, добивате пристап до побрзи сервери, проширена меморија за следење на контекстот и подобрување на интеракцијата. Платформата е како AI асистент кој може да одговара на прашања, да генерира документи, па дури и да ве води низ сложени истражувања.

За разлика од сличните сервиси кои нудат услуги врз основа на генеративната вештачка интелигенција со сопствен голем јазичен модел, Perplexity има нешто поразличен пристап. Тие овозможуваат функционирање со помош на повеќето достапни јазични модели, а корисниците на Pro верзијата добиваат пристап до GPT-4o, Claude 3.5 Sonet, Haiku и Grok-2, а исто така и Sonar моделите кои се базирани на Llama 3.1 од Meta и развиени од страна на Perplexity. 

Perplexity Pro претплатата овозможува пристап до сите овие големи јазични модели, а корисникот бира со кој сака да функционира, зависно од потребните резултати. 

Стандардниот модел, кој им е достапен на бесплатните и Pro корисниците е замислен како најбрз за секојдневните пребарувања и овозможува брзи резултати. Како барањето станува посериозно, корисниците на Perplexity Pro можат да ги искористат и другите јазични модели. 

Изборот на јазичниот модел секако е оставен на Pro корисниците на кои им препорачувам малку да експериментираат, односно да видат кој од нив им ги дава најдобрите барани резултати. 

Како се активира Perplexity Pro преку Magenta Moments?

Секако, за активирање на промотивната година на Perplexity Pro потребно е да сте корисник на било која услуга на Македонски Телеком и да ја користите Telekom MK апликацијата достапна на мобилните платформи. 

По отворање на апликацијата треба да го отворите „Moments табот“, по што во понудите е достапна и таа за Perplexity Pro. 

По активирање на понудата, се прикажува код којшто се внесува при регистрација на Perplexity Pro, а тоа и најдобро е да се направи преку линкот кој е достапен во апликацијата Teleekom MK. 

Пребарување преку Perplexity Pro

Користењето на Perplexity Pro е нешто што може целосно да го замени користењето на интернет пребарувачите. Со користењето на овие нови алтернативи, не само што може да се дојде до саканата веб страна, доколку тоа е целта, се доаѓа до одговорот на тоа што се бара без потреба од отворање на истите. 

Првото нешто што го забележувате е минималистичкиот и чист интерфејс. Нема непотребни опции или сложени менија. Го стартувате, поставувате прашање, и веднаш добивате одговор.

Иако може да се користи и преку веб, Perplexity пребарувачот е достапен како апликација за повеќето платформи и препорачувам истите да се инсталираат. 

Апликацијата е едноставна и кога се вклучува се отвора со кориснички интерфејс на кого се гледа само лентата за пребарување. На левата страна може да се отвори дополнителна лента на која се гледа историјата на пребарувања, нешто што е доста корисно, а тука е и Discover делот кој може да се користи за читање на новости.

Пребарувањето преку Perplexity е едноставно и интересно и мислам дека нема да се вратите веќе на класичните пребарувачи. Кога ја користите Pro верзијата при секој одговор добивате информација што е тоа што пребарувачот го право во моментот, односно може да добиете претстава за начинот на „логицирање“, односно како е разбрано поставеното прашање. 

Одговорот се добива во форма на објаснување на поставеното прашање, со сите потребни информации и линкови до страните од каде се добиени. Често одговорите се поставуваат во форма на листи и слично, зависно од колку информации се потребни за да се даде одговорот. 

Она што ми се допадна е како Perplexity Pro ја користи својата “меморија” за да ги поврзе вашите претходни прашања. На пример, ако прашате за предности на електрични автомобили, а потоа побарате компарација со хибридни, системот ги поврзува темите и дава пообемен и логичен одговор.

Најважно од се, пребарувањата преку Perplexity се прават со поставување на прашање исто како тоа да се поставува на човек, односно се користи нормален разговорен јазик. Јазичниот модел го „разбира“ прашањето и го бира најдобриот одговор. 

Сервисите како Perplexity стануваат одлична алатка за истражување преку интернет, не само за обичните пребарувања. Времето потребно да се дојде до одредени информации, нема точна бројка, но е повеќе пати скратено. Наместо бирање на најдобрата кратка фраза за пребарување, односно погодување на точните клучни зборови, прави огромна разлика за пронаоѓање на тоа што се сака. 

На тоа треба да се додаде и „истражувањето“ во име на корисникот на страните, па веднаш се добива одговорот, наместо да се поминат дополнителни часови на читање разни статии и студии. 

Квалитет на одговорите

Она што најмногу ме импресионира е деталноста на одговорите. Perplexity Pro не само што пребарува и дава референци, туку ги “разбира” темите. Тоа значи дека одговорите се речиси секогаш релевантни и објаснети на разбирлив начин.

На пример, кога прашав за најновите трендови во front-end развој, добив одговор кој не само што ги истакна најновите технологии како Svelte и Vite, туку и објасни зошто тие се популарни.

Меѓутоа, треба да внимавате на доверливоста на изворите. Иако платформата користи референци, не сите се со висок кредибилитет. Секогаш препорачувам да проверите што стои зад дадениот одговор.

Примери за пребарување и истражување преку Perplexity Pro

Иако пребарувањата можат да се прават на англиски, секако, поради можноста да се пребарува и на македонски, примерите ќе ги дадам на нашиот јазик. 

Пример, да почнеме со нешто поедноставно, ве интересира каде во Скопје има добра храна, односно во кои ресторани би вредело да се отиде. Прашањето може да гласи едноставно „Во кои ресторани во Скопје има добра храна? “ Одговорот е детален, поделен по видови на храна, достапни се линкови до рестораните, како и слики и видеа. 

Најважно од се, на крајот од секое барање достапни се предлози за различни форми на поставување на прашањето, па доколку не се добиени доволно добри одговори или се има потреба да се продолжи со истражување во друг правец, овие предлози знаат да бидат корисни. 

Како нешто посложен пример би било прашањето „ Кои се начините на кои би направил сликите на главната страна која ја правам во HTML, да се менуваат како слајдови?“. 

Во основа Perplexity Pro би го нарекол како еден вид на хибрид помеѓу Google и ChatGPT, со свои посебни додатоци кои го прават навистина добра алатка за пребарување на интернет, помошник при програмирање, па се до сериозни истражувања на студии и повеќе. 

Каде се наоѓа Perplexity Pro во споредба со конкурентите?

Во споредба со други алатки како ChatGPT или Bard, Perplexity Pro е многу директен и практичен. ChatGPT е посилен кога станува збор за креативни задачи или долги дискусии, но Perplexity Pro е одличен за специфични и брзи прашања.

Еден недостаток е што нема истата флексибилност како ChatGPT. Ако барате нешто што ќе ви помогне да креирате текстови или да работите на комплексни проекти, можеби ќе треба да комбинирате алатки.

Заклучок

Perplexity Pro е фантастична алатка за оние кои бараат брз и директен пристап до информации. Системот е интуитивен, одговорите се релевантни, и времето на одговор е импресивно. Сепак, Pro верзијата не е за секого.

Ако сте професионалец кој работи во области каде што точноста и брзината се критични, вреди да ја разгледате. Но ако барате нешто што може да ги замени класичните пребарувачи без претплата, бесплатната верзија ќе биде сосема доволна.

Претходна статијаGalaxy S25 серијата се очекува да биде претставена на 22 јануари во Сан Франциско
Следна статијаЗапочнува пријавувањето за 21-то издание на Wizz Air Скопски Маратон
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.