Го немав гледано Седум (1995) од почеток до крај многу години. Толку долго што не можев да одлучам дали филмот е толку добар како што памтам.

После новата дружба, ми се разјаснија работите. Седум е ремек дело од филм. Ако не си го гледал, направи си услуга и гледај го што поскоро. Секогаш постои некоја тежа што те оддалечува од гледање на филмови постари од некоја година, камоли филмови како Седум што искочиле во 1995 година. Во филмскиот свет, тоа е античка историја.

Ама Седум како да е снимен во 2021. Одма ќе го препознаеш по шмекот на Дејвид Финчер, чии филмови секогаш изгледаат визуелно совршено. Единственото нешто по што ќе познаеш колку е стар е тоа што нема да забележиш мобилен, луѓето зборуваат на говорници, и читаат книги во библиотеки. Нема Википедија, нема Фејсбук, ништо.

Седум е приказна за двајца партнери детективи што имаат задача да пронајдат сериски убиец. Бред Пит е новиот дечко во канцеларија, млад и жеден за акција. Морган Фримен е неговиот партнер, скоро пред пензионирање, мудар, знае дека има уште малку време и не сака баш да ризикува. Се погодува овој случај да е најважниот во нивните кариери.

Убиецот ги лови своите жртви по „седумте смртоносни гревови“, а сцените со местата на злосторот се одвратни, те тераат да погледнеш настрана. Целиот муд на филмот е тежок и темен. Ти прави непријатно. Ама не можеш да гледаш на страна, зашто тоа што ти се прикажува е маестрално снимено а приказната те влече.

Бред Пит и Фримен се феноменални заедно. Ја има и Гвинет Палтроу која ја глуми сопругата на Пит. Се појавува и Кевин Спејси со една од најдобрите негови улоги.

Она по што филмот е најпознат, и што е мега спојлер што нема да го откривам овде, е крајот на филмот. Сигурно една од најморничавите сцени во историја на филмовите. Самата помисла ме ежи. А снимено е толку добро и толку тензично што посакувам да не сум го гледал филмот за да можам да го гледам првпат. Претходно има уште еден момент што го прави Седум оригинален и по што се издвојува од сите слични филмови. Се надеваш на среќен крај, ама нема да го добиеш.

Класика.

Претходна статијаНајголемиот гејминг настан за оваа година „MESA Summer Jam“, ќе се одржи овој викенд со физичко присуство
Следна статијаFacebook ќе ги прашува корисниците дали мислат дека нивните пријатели стануваат екстремисти