По користењето на моментално најдоброто од Samsung, Galaxy S24 Ultra, сега решив да пробам нешто од компанијата кое е од пониските класи. Изминатиот период го поминав користејќи го Galaxy A55 5G, новиот телефон за оваа година од средната класа од Samsung.
Телефонот се продава по цена од околу 28.000 денари за 8GB RAM со 128GB простор за податоци, односно околу 31.000 доколку се избере моделот со 256GB простор за податоци.
Од цената се гледа дека Galaxy A55 5G е одличен уред, односно корисниците можат да очекуваат карактеристики кои би можеле да се споредат со највисоката класа, без разлика на послабите карактеристики во одредени делови кои се очекувани.
Оваа класа според мене може да се каже дека е најпривлечната, односно најголемиот дел од корисниците се одлучуваат за истата, токму поради тоа што се добива одличен уред, но без потребата да се плати цена која е и до три пати поголема.
Најдобар начин да се провери вредноста на еден телефон на крајот се сведува на негово користење, па еве кои се искуствата и заклучоците кои ги донесов јас.
Одличен дизајн кој на прв поглед остава впечаток дека се работи за S24 серијата
По отворањето на кутијата, не бев сигурен дали по грешка имам земено друг телефон, а не Galaxy A55. Дизајнот, како и генерално квалитетот на изработка и чувството во рака, оставаат впечаток како да се работи за Galaxy S24 серијата од највисоката класа, а не телефон од средната.
Може да се каже дека првиот знак за тоа дека телефонот е A55 доаѓа од големината на екранот, а оваа класа на телефони секогаш доаѓаат со поголеми екрани. Корисниците изгледа ги сакаат поголемите екрани, а јас морам да признаат дека ги сакам повеќе телефоните со големина до 6,2 инчи.
Galaxy A55 5G доаѓа со 6,6 инчен екран со стапка на освежување од 120 херци. Доколку се избере прилагодливиот режим, стапката ќе варира од 60 до 120 херци, зависно од содржината која се гледа во моментот.
За разлика од минатата година, оваа година оваа класа донесува заштита на екранот со Gorilla Glass Victus+, нешто што мислам дека секогаш е поважно како карактеристика кај средната класа. Корисниците можат да бидат сигурни дека добиваат повисоко ниво на заштита од гребаници и можни мали падови.
Не можам да кажам дека екранот е на ниво на највисоката класа, тоа би немало логика, но дефинитивно можам да кажам дека екранот е одличен, а посебно разлика прави веќе стандардната стапка на освежување од 120 херци.
Резолуцијата е 2340 на 1080 пиксели, а тоа овозможува нивна густина од 390 пиксели на инч, што значи дека тешко дека некој ќе може да забележи некој пиксел додека го користи телефонот.
Задната страна исто така е изработена од стакло, а дизајнот е доста сличен со највисоката класа од Samsung. Добра одлука им беше на Samsung да го доближат дизајн стилот на повеќето нивни уреди, па корисниците навистина добиваат одлична вредност.
Страните се изработени од алуминиум, а тоа што ми се допаѓа е што тие се рамни, а користењето на телефонот навистина добива премиум чувство. Порано ваков стил користеа само дел од најдобрите на пазарот.
Дополнителен впечаток на скап телефон, покрај одличната изработка и цврстина, остава и тежината на уредот. Порано телефоните од оваа класа некако веднаш се познаваше дека се поевтини, па повторно би кажал дека Galaxy A55 5G го нема тој проблем ни најмалку.
Повеќе од задоволителни перформанси кои не се далеку од најдобрите
Една од најважните карактеристики на еден телефон се секако неговите перформанси, односно способноста на уредот да се носи со стилот на користење на корисникот во текот на денот. Кај највисоката класа тестовите обично се прават за тоа што повеќе може да поднесе телефонот, па дури и за работи до пред само неколку години во главно се правеа ексклузивно преку компјутерите.
Кога е во прашање средната класа тестовите во главно одат во правец на тоа дали се јавуваат одредени проблеми кои ги нема кај највисоката класа, како и тоа што се може да направи телефонот и да се доближи до оваа класа.
Доброто е што во изминатите неколку години средната класа, па дури и пониската, ги нема некои од старите проблеми кои веднаш ја откриваа категоријата на телефонот. Корисниците дури имаа прифатено телефонот да не функционира како најдобрите, само поради пониската цена.
Корисниците слободно може да се каже дека веќе не се во таква ситуација, а тоа се гледа и од Galaxy A55 5G. Во неделите користејќи го овој телефон не се доведов во ситуација да кажам, ете, сепак ова не функционира баш најдобро.
Според стилот на користење кој го имам, најважни ми се две работи кога се во прашање перформансите, „мазното“ функционирање на апликациите и брзото сликање.
Најважно од се ми беше да видам колкава ќе биде разликата, односно дали ќе биде очигледна разлика од телефоните од највисоката класа кои обично ги користам.
Бев до некаде изненаден поради фактот што после неколку денови целосно заборавив дека не го користам мојот стандарден телефон. Перформансите кои ги има Galaxy A55 5G се повеќе од задоволителни, а тоа го покажуваат и „бенчмарк“ апликациите преку кои морав да го потврдам корисничкото искуство кое го имам.
Како што може да се види од резултатите, Galaxy A55 5G секако ги нема резултатите од најдобрите, а соодветно тие се некаде во средината, што е доволно за одлично искуство и перформанси.
Батеријата на Galaxy A55 5G е со капацитет од 5.000 mAh и се полни со стандарден полнач од 25W. Кога ќе се земе во предвид чипот од средната класа, јасно станува дека се очекува доста задоволително траење на батеријата.
Целосно полнење на батеријата се прави за околу 1 час, но јас ретко кога го ставам телефонот на полнач дури кога ќе се испразни. Со полнење на батеријата во просек од 40%, доволно полна батерија се добива за околу половина час и помалку.
Со активно користење Galaxy A55 5G успева да го помине цел ден, односно батеријата нема проблем да издржи 12-15 часа на користење. Ова е активно користење во кое скоро цел ден нешто се прави со телефонот, од сликање, до гледање видеа, користење на навигација и слично.
Доколку телефонот не се користи до толку активно во текот на денот, може да се дочека и наредниот ден, но сепак јасно е дека денешните телефони се во главно замислени да се полнат секојдневно.
Камера со одличен квалитет и во ноќни услови
Оваа класа на смартфони обично има доста добри камери. Познато е дека корисниците можеби даваат најголемо значење на камерите кога е во прашање нивниот смартфон, а често дури без да ги забележат перформансите на телефонот.
Galaxy A55 5G има камера која би било погрешно ако речам дека е задоволителна. Квалитетот на сликите е на доста високо ниво, а посебно се изненадив од способноста на софтверот да ги прилагоди сликите во ноќни, односно темни услови.
Ова е резултат на доста подобрената Nightography функција, чипот на камерата, како и на крајот, вештачката интелигенција.
Деталите кои се добиваат на сликите, боите и контрастот се одлични, па морам да кажам дека не можев да најдам некоја маана кај Galaxy A55 5G кога се во прашање камерите.