Стандардно за почетокот од годината, вниманието кога се во прашање смартфоните го привлекува новата серија од највисоката класа од Samsung. Galaxy S24 серијата беше претставена во втората половина од јануари, па помина доволно време за да може да се каже дека добив добра претстава за какви уреди се работи.
На тест изминатите месец дена го имав најголемиот и најскапиот од серијата, Galaxy S24 Ultra, а намерно не сакам да го наречам најдобар поради различниот вкус на корисниците за кои ова може да е доста голем уред.
Разликата во изгледот во споредба со ланскиот модел не е веднаш забележлива, а тоа посебно важи за задната страна која е иста, па доколку телефоните се поставени еден до друг, повеќето и нема да знаат да ја направат разликата.
Предноста на овој екран при користење надвор или во било која друга ситуација кога има силен извор на светлина е огромна
На предната страна исто така нема некоја драстична разлика, но за разлика од задната, тука сепак има одредени промени. Главната промена е во екранот, односно тој веќе не е заоблен на страните, па според мене рамниот екран кој го има Galaxy S24 Ultra изгледа многу, многу подобро од претходните, а е подобар и за користење.
Со ова доаѓаат и доста тенки рамки околу екранот, кои се исти на сите страни, па искуството на користење на овој телефон е тешко споредливо со било кој друг.
Кога сум кај екранот, Samsung се познати по квалитетот кој нема конкурент кој успева да му се доближи. Светлината, боите и контрастот на овој OLED екран се одлични и за мене ќе биде проблем кога ќе се вратам на мојот телефон после цел месец на користење на S24 Ultra.
Samsung оваа година посебно внимание посвети на слојот на екранот кој спречува одбивање на светлината, па разликата од претходните модели, а и конкурентите, е огромна. Предноста на овој екран при користење надвор или во било која друга ситуација кога има силен извор на светлина е огромна.
Оваа година одлична е новата имплементација на „виџети“ кога телефонот е заклучен, па иако ова може до некаде да се нарече дека е слично со iOS, корисноста и изгледот се многу подобри од порано.
Неколку работи ме интересираа кога почнав да го користам овој телефон, нормално не сакајќи оваа рецензија да звучи исто како и сите други. Целта ми е да го пренесам моето конкретно искуство со Galaxy S24 Ultra, исто како да го имам купено и да имам почнато да го користам како мој главен телефон.
Вниманието го насочив кон перформансите на телефонот, камерите, батеријата и секако на крајот, на новите можности кои се додадени благодарение на развојот на генеративната вештачка интелигенција изминатите година дена.
Samsung дава големо внимание на овие нови можности и баш ме интересираше дали тие се нешто кое би го користел секојдневно. Тоа на крајот зависи и од самиот корисник, па верувам дека помладите корисници кои често сликаат и објавуваат на друштвените мрежи би имале огромна корист од една ваква функција.
Galaxy AI – Galaxy AI не е наметлива функција која ќе ве „замара“ во секој можен дел од користењето на телефонот, па како корисник точно ќе одредите во која апликација ќе ви користи
Секогаш кога се претставуваат некои вакви нови функции се поставува прашањето. Колку се тие навистина корисни и колку ќе направат разлика во секојдневното користење на телефонот од страна на корисниците. Дали вештачката интелигенција е нешто кое корисниците ќе го пробаат, па со тек на време ќе заборават дека воопшто постои.
Иако компаниите сакаат малку да ја направат важноста на ВИ многу поголема, сепак тие не се далеку од вистината. Корисноста на истата зависи од нејзината интеграција, а можам да кажам дека Samsung тука ја имаат погодено работата.
За разлика од тотално „наметнатата“ интеграција на Microsoft, Samsung ја има интегрирано генеративната вештачка интелигенција директно во неколку апликации кои навистина можат да имаат корист од истата.
Galaxy AI не е наметлива функција која ќе ве „замара“ во секој можен дел од користењето на телефонот, па како корисник точно ќе одредите во која апликација ќе ви користи.
Според мене, најголема популарност вештачката интелигенција ќе има кај Photos апликацијата, барем за повеќето корисници. Во денешно време сите сликаме огромен број на слики, а кај не толку мал дел од корисниците таа бројка знае да стигне и по неколку илјади слики годишно.
Не можам да кажам дека оваа прва интеграција на ВИ е беспрекорна, но со доволно користење ќе се научите кога и како да се користи.
На пример, можноста за поместување или бришење на одреден објект од сликата станува малку проблематично кога зад објектот не е нешто доволно едноставно кое генеративната вештачка интелигенција ќе го искористи за замена на објектот.
Во одредени ситуации на местото на објектот се додава друг објект, а ова дефинитивно беше интересно да се гледа. Познато е дека ВИ во вакви ситуации треба да „одлучи“ што да прави, па има креативни решенија на кои налетав.
Останатите функции исто така се доста корисни, иако дел од нив ја губат оваа карактеристика кога е потребно користење на македонскиот јазик.
Би ја издвоил интеграцијата на Galaxy AI во Samsung Keyboard која овозможува превод на разговорите, но уште покорисно, можност за генерирање на текст или измена на веќе напишаниот. Корисниците можат да напишат нешто, па Galaxy AI да направи да звучи подобро, а да биде и поинформативно.
Нешто слично е достапно и во апликацијата за белешки од Samsung. Текстот напишан во овие белешки може автоматски да биде форматиран, може да биде сумиран, да му бидат исправени грешки и слично.
Доколку ја користите Samsung Internet апликацијата, која станува се подобра со тек на време, Galaxy AI е тука да ги сумира веб страните, нешто што дефинитивно може да се каже дека е една од подобрите можности кои ги донесе генеративната вештачка интелигенција.
Уште една новина која морав да ја пробам кај Galaxy S24 Ultra, а доста се пишува за неа, е можноста да се заокружи нешто и истото да се побара на Google. Оваа можност, наречена Circle to Search, е посебно корисна на S24 Ultra поради пенкалцето кое е дел од оваа серија. Не очекував дека толку често ќе ја користам, а посебно кога работам нешто со пенкалцето.
Генерално можам да заклучам дека Galaxy AI нема да ја направи целата разлика зошто Galaxy S24 Ultra ќе биде еден од најпродаваните телефони, како и секогаш, но дефинитивно ќе го привлече вниманието на голем дел од корисниците, а посебно тие кои имаат потреба од ваквите функции за бизнис цели.
Перформанси
Нормално дека ги направив стандардните „бенчмарк“ тестови, но сепак нив не ги сметам за до толку меродавни при тестирање на еден телефон. Да, тие го тестираат максимумот кој може да го постигне еден телефон, но на крајот е важно дали корисникот е задоволен од функционирањето на неговиот уред.
Тестовите, како што може да се види се повеќе од одлични. Snapdragon 8 Gen 3, повторно посебно прилагоден за Galaxy е повеќе од одличен. Со овој чип Android телефоните конечно доаѓаат до, а некогаш и ги поминуваат перформансите на iPhone, но тука доаѓа и мојот претходен коментар дека сепак најважно е корисничкото искуство.
Очекувано, Galaxy S24 Ultra не ме изненади во ниту еден дел од неговото користење. Нема нешто кое што го правев, а да ме доведе во ситуација да чекам и да се чудам што се случува.
Ова посебно важи за сликањето на слики, нешто кое знае да биде доста проблематично во некои ситуации, но не и за Galaxy S24 Ultra.
Не сум човек кој игра игри на мобилен телефон, но поради подоброто тестирање пробав неколку од нив. Не навлегов во некои големи детали за „fps“ и слично, за тоа сепак би можело да се напише посебна статија. Тоа што можам да кажам е дека нема посилен телефон моментално кој би бил подобар за игри, а тоа посебно доаѓа до израз кога истите ќе се пуштат на поголем екран.
Камери
Камерите се можеби едни од најважните компоненти кои се тестираат. Од камерите во денешно време се бара брзо сликање кое резултира со одличен квалитет, па иако повеќето телефони од највисоката класа го овозможуваат тоа, сепак има по некоја ситница која би сакал да ја проверам пред да донесам заклучок за S24 Ultra.
Тоа што мене ми е важно кога ја тестирам камерата кај еден телефон е колку брзо се вклучува апликацијата, односно колку време е потребно да дојдам во позиција да можам да сликам. Потоа, важна е брзината со која може да се слика и да се има направено слика без многу размислување.
Иако праќањето на слика не е нешто што може да е итно, во денешно време ја мериме секоја дополнителна секунда на чекање како нешто негативно, односно нешто што го намалува корисничкото искуство. Тоа значи дека по сликањето, сакам веднаш да можам да ја отворам апликацијата која ја користам за разговори и да ја пратам сликата.
Овие неколку фактори се посебно важни, посебно ако сте користеле iPhone, па познато е дека Android конкурентите не секогаш успеваат да го достигнат тоа ниво на брзина на работа без ни најмало „сецкање“.
За мене овие карактеристики се дури и поважни од самиот квалитет на сликата, а посебно поради фактот што од ваков телефон од оваа класа не ни очекувам ништо помалку од „совршени“ слики.
Galaxy S24 Ultra слободно можам да кажам дека се покажа одлично кај сите овие карактеристики. Брзината на работа е како што би се очекувало од Ultra телефон, па перформансите при сликање се на ниво мислам дури и повисоко од тоа на iPhone 15 Pro.
Што се однесува до квалитетот на сликите, се истакнува нивната чистина, контраст, како Samsung ги процесира боите, со што се добива доста добар резултат.
Тоа што е добро е што корисниците можат да изберат од неколку нивоа на подобрување на сликите од страна на вештачката интелигенција. Доколку решите да „чепкате“ по прилагодувањата може да изберете кое ниво одговара најмногу на вашите потреби, а и на крајот вашиот вкус.
Има повеќе дискусии на интернет за тоа какви се сликите од Galaxy S24 Ultra во споредба со конкурентите, па мислам дека на крајот се сведува и на вкусот на корисникот. Едно е само сигурно, тешко дека ќе можете да најдете маана на сликите кои би ги сликале со овој телефон.
Ноќното сликање, односно сликањето при услови со послаба светлина се посебен дел кој се тестира. При ваквото сликање повторно доста важна е брзината со која успева телефонот да извади слика, затоа што секое подолго чекање го зголемува ризикот од матна слика поради движење.
Samsung секогаш успева на овој план да биде на врвот, па Nightography функцијата, како што ја нарекуваат од компанијата, започна едно цело ново ниво кога се во прашање сликите во темни услови.
Galaxy S24 Ultra е одличен избор и за корисниците кои се разбираат нешто повеќе во областа на фотографиите, па достапни се повеќе прилагодувања кои може корисникот сам да ги направи, наместо да ја остави целата работа на телефонот.
Батерија
Иако за крај, сепак еден од поважните тестови кога се во прашање смартфоните, колку трае батеријата. Јас, а верувам и повеќето, по цел ден го користам телефонот, дури и кога тоа не е за работа или за нешто важно. Секогаш има нешто интересно на Instagram Reels да го земе вниманието, а тука се и YouTube видеата, како и големиот број на статии на разни теми.
Батеријата на Galaxy S24 Ultra е со капацитет од 5.000 mAh, па уште веднаш се добиваат доста големи очекувања. Иако нема батерија во денешно време која не може да биде потрошена пред истекот на денот, сепак тестот на батеријата го направив со три режими на користење.
Првиот режим е намерно „оптоварување“ на батеријата и вклучување на што е можно повеќе апликации, па и играње на неколку игри. Во ваква ситуација нормално е дека батеријата нема да го дочека наредниот ден, но тоа што е важно е што истата издржа многу повеќе од што очекував. Со цел што побрзо да ја потрошам батеријата, истата испеа да издржи дури 8 часа на користење, што е повеќе од одлично.
Вториот режим е повеќе близок до нормалното користење кое го имам со мојот стандарден телефон. Тоа подразбира доста YouTube и Instagram Reels видеа, читање на доста статии од различни веб страни, разгледување на Facebook и Instagram.
Galaxy S24 Ultra во овој случај успеваше да го издржи денот, па ноќта, кога и го оставам на полнење телефонот, беше дочекувана со останата батерија од 15 до 35%. Повеќе од доволно за телефонот да не се мисли дали е полн, а денот се почнува со 100%.
Третиот режим е наменет да се види колку би издржала батеријата со помало користење на телефонот. На пример кога целиот ден ќе го поминам на компјутер или кога нема раката непотребно да оди кон телефонот на секои 2 минути без причина, односно како што би требало да изгледа едно нормално користење на телефон.
Galaxy S24 Ultra успеа да ја дочека втората вечер, односно издржа два дена без потреба од полнење, а ова е посебно важно и за ситуациите кога се патува, па овој телефон нема да биде толку зависен од надворешна батерија.
Посебно место во тестот, иако не се работи за нова функција
Samsung DeX, останува една од најдобрите функции кои се достапни на еден смартфон. Иако оваа функција се’ уште не може да се каже дека ќе го замени лаптопот на корисниците или домашниот компјутер, со волку големото зголемување на перформансите на S серијата, Galaxy S24 Ultra дефинитивно може да го направи тоа.
За корисниците кои во главно гледаат видеа, читаат статии и пишуваат текст, Galaxy S24 Ultra е повеќе од доволен кога ќе се поврзе со надворешен екран.