Дојче Телеком во 2022 година претстави два смартфони кои го носат нивниот бренд, односно T Phone и T Phone Pro. Очекувањата за овие телефони беа дека ќе донесат добри карактеристики во средната класа, а по цени кои се доста прифатливи и подобри од конкурентните.

Со оглед на тоа што и тогаш имав шанса да го тестирам еден од двата модели, можам да кажам дека од компанијата ја постигнаа најавената цел, па без разлика за кој телефон од двата се работи, тие навистина им донесоа на корисниците одличен нов избор на пазарот.

Минатиот месец Телеком ја претстави и втората генерација од овие телефони, T Phone 2 и T Phone 2 Pro, па овој пат на тест го имам помалиот модел, односно T Phone 2.

Кои се разликите од претходниот модел?

Одлично е што нема една карактеристика која не е подобрена во споредба со првата генерација, па корисниците можат да бидат сигурни дека добиваат одлична надградба која вреди да се направи.

Да почнеме од екранот, според мене можеби главниот фактор кога е во прашање корисничкото искуство, покрај секако перформансите на еден смартфон. T Phone 2 добива мало зголемување на екранот, па од ланските 6,52, новиот модел има екран со големина од 6,58 инчи, заедно со стапка на освежување од 120 херци.

Тоа што е доста поважно од оваа мала разлика во големината е зголемувањето на резолуцијата, со што T Phone 2 добива доста големо подобрување. Телефонот сега има резолуција од 2408 на 1080 пиксели, а со тоа се добива нивна густина од 401 пиксел на инч.

За споредба, првиот T Phone дојде со резолуција од 1600 на 720 пиксели и нивна густина од 269 пиксели на инч, што не е воопшто мала разлика.

Втората најважна карактеристика како што кажав е поврзана со перформансите, а тоа зависи во главно од чипот и меморијата. T Phone 2 доаѓа со Snapdragon 6 Gen 1, понов чип кој е направен во 4nm технологија и ќе видиме како ќе се покаже при користењето.

Графичкиот процесор овој пат е Adreno 710, па заедно со зголемената RAM меморија од 4 на 6GB, очекувам дека T Phone 2 ќе се покаже видливо подобро од неговиот претходник.

Камерите исто така добиваат доста добра надградба, па корисниците и тука може да очекуваат нешто што ќе направи да вреди да се купи овој телефон. За разлика од претходните три камери со 13, 2 и 2 мегапиксели, T Phone 2 доаѓа со главна камера со 50 мегапиксели. Другите две камери остануваат со по 2 мегапиксели, а подобрување добива и „селфи“ камерата која сега наместо 5 има сензор со 8 мегапиксели.

Снимањето со T Phone 2 може да се прави во 2К резолуција, повторно доста големо подобрување од претходната Full HD резолуција која беше достапна. Нова е и можноста за снимање со 60 fps во Full HD, додека 2К резолуцијата може да снима со 30 fps.

Батеријата кај новиот модел е со капацитет од 5000 mAh, исто така доста добро зголемување во споредба со претходните 4500 mAh, а се истакнува и додавањето на NFC чип кој ќе може да се користи за бесконтактно плаќање и слични услуги.

Корисничко искуство – перформанси и екран

Добрата надградба која ја донесува T Phone 2 во споредба со претходниот модел, сега ме интересира да видам како се одразува на генералното корисничко искуство. Тестирањата кои ги правам обично се насочени кон обичниот корисник, односно стандардно користење на еден смартфон во денешно време.

За добро корисничко искуство е потребно телефонот едноставно да ги завршува активностите на корисникот без доцнење или слични проблеми. Тука секако голема улога играат квалитетот на екранот, како и камерите.

Екранот на T Phone 2 добива огромно подобрување. Поголемата резолуција, а посебно стапката на освежување од 120 херци го прават овој телефон одличен конкурент и на повисоките класи. Стапката на освежување функционира прилагодливо, односно софтверот одлучува зависно од апликацијата и активноста, дали да ја користи максималната стапка од 120 херци или да намали до 60.

Со оглед на фактот дека смартфоните во главно ги користиме за разгледување на различна содржина во поголемиот дел од денот, стапката на освежување и резолуцијата ја прават главната разлика за добро корисничко искуство.

Што се однесува до перформансите, не бев сигурен што да очекувам, а во главно поради фактот што обично користам смартфон од највисоката класа. Очекував дека овој телефон ќе мора да покаже одредени недостатоци во споредба, но работите во пракса покажаа дека тоа не е баш случајот.

T Phone 2 одлично се покажува при нормалното користење кое е 90% од користењето на повеќето корисници. Менувањето на апликации, „скролањето“ по друштвените мрежи, сликањето и гледањето на видео содржина функционира мазно и брзо.

Очекувано, класата на уредот доаѓа до израз во ситуации кога се прават одредени работи кои не се стандардни, кога се играат некои посилни игри и слично, но морам да кажам дека генерално јас не наидов на чести ситуации кога телефонот не се однесува како што треба.

Корисничко искуство – камера

Подобриот сензор кај главната камера донесува поголеми очекувања за квалитетот на сликите со новиот модел. Тука секако е голем фактор и подобриот чип на чија основа работи и „вештачката интелигенција“ која прави подобрување на направените слики веднаш по сликањето.

Не можам да кажам дека ова се меѓу подобрите камери кои ги имам тестирано, но доколку ги споредам со другите од оваа или слична категорија, тогаш T Phone 2 дефинитивно не разочарува.

Тоа што мене ми е доста важно е брзината со која камерата успева да ги слика сликите. Нема воопшто чекање, а веднаш може да се продолжи со ново сликање или да се промени апликацијата и да се сподели сликата.

Подобрувањето на сликите по сликањето исто така се прави брзо, па кратко кажано, перформансите при сликање се одлични, а би рекол дека бев позитивно изненаден, дури и во споредба со некои поскапи телефони.

Квалитетот на сликите зависи и од времето кога се слика, па како што се очекува најдобар квалитет се добива кога се слика преку ден, односно во добро осветлени услови.

Крајниот резултат е слика со доста добри бои, како и контраст, а подобрувањето се прави доволно за да не се добие неприродна слика, како што тоа го прават некои и од највисоката класа во одредени ситуации.

Корисничко искуство – батерија

Уредите од нешто пониските класи, како што е T Phone 2, обично имаат подобро траење на батеријата во споредба со најскапите телефони. Тоа може звучи чудно, но големината на уредот во оваа класа, која обично е на поголемата страна, овозможува вградување на доволно голема батерија.

На тоа треба да се додаде и послабиот процесор, заедно со нешто помалата резолуција на екранот, со што се добива уред кој без проблем треба да може да го издржи барем првиот ден.

Добра карактеристика за траењето на батеријата кај T Phone 2 е и стапката на освежување која се прилагодува. Корисниците покрај тоа што добиваат многу подобро користење на екранот, тој не ја троши батеријата непотребно кога тоа што се прави не бара поголема стапка на освежување.

Моето користење е такво да дури и со целодневно „чепкање“ на телефонот, батеријата го издржа целиот ден. Кога телефонот го користев како мојот главен телефон, тогаш батеријата можев да ја полнам на две дена, што е одлично.

Заклучок

Повторно би го употребил зборот кој неколку пати го употребувам во текот на статијата, а тоа е дека сум доста позитивно изненаден од T Phone 2. Поради тоа што имав шанса да ја тестирам и претходната генерација, можам да кажам дека подобрувањето оваа година не е мало и телефонот дефинитивно овозможува доста подобро корисничко искуство.

Работата со апликациите и префрлувањето од една на друга и стапката на освежување од 120 херци прават да користењето на T Phone 2 функционира како поскап телефон, а тоа беше и целта на Телеком уште при презентацијата на овој бренд.

Цената на уредот, а посебно ако се земе во предвид буџетот кој го дава Телеком при потпишување на нов договор, го прават T Phone 2 еден од подобрите избори кои ги имаат корисниците на пазарот.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Екран
Перформанси
Батерија
Камера
Претходна статијаSamsung претстави сестрани сензори за слики за супериорно фотографирање со паметни телефони
Следна статија„Макпетрол“ овозможи работилници против врсничко насилство во над 150 училишта
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
go-koristevme-t-phone-2Одличен телефон од средно ниската класа кој доаѓа со прифатлива цена која го прави еден од подобрите на пазарот.