Изминатите неколку недели мојот главен телефон стана новиот Galaxy Z Flip5 од Samsung, кој беше претставен на 26 минатиот месец на настан за првпат во Сеул, Јужна Кореа.

Од една страна петтата генерација од овој телефон може да се каже дека е само надградба од ланскиот, но затоа неколку новини ја прават доста важна надградба и сериозна конкуренција на неколкуте други производители кои имаат на пазарот вакви телефони.

Galaxy Z Flip е телефон кој може да им се погоди на повеќето корисници, односно не само на напредните. Стилот му е како старите телефони од пред 20 години и повеќе, односно се преклопува на својата хоризонтала и со тоа се добива дупло помал уред кој многу полесно се носи во џебот или торбата.

Нов скоро четири пати поголем надворешен екран кој овозможува доста функции без отворање на телефонот

Иако не е единствената, сепак главната новина која го презема скоро цело внимание кај Galaxy Z Flip5 е новиот доста поголем надворешен екран кој сега не е тука само корисникот да види колку е часот и дали има некое известување.

Наречен Flex Window, навистина соодветно, екранот е за неколку пати поголем од претходниот, односно од ланските 1,9 инчи, сега корисниците добиваат огромни 3,4 на надворешната страна од уредот.

Работата со овој екран е посебно организирана, односно прилагодена. Тоа значи дека Samsung овозможува промена на екраните на кои се прикажани информации во форма слична на „виџети“, односно се работи за виџети прилагодени со повеќе информации.

Како и секогаш, Android и Samsung овозможуваа прилагодувања кои го прават телефонот навистина личен за корисникот, па така овој екран има посебен дел во Settings и овозможува избор на позадини, слики, како и претходно подготвени информативни картички.

Може да се каже дека со оваа големина на надворешниот екран, тој навистина станува корисен и овозможува пристап до доволно информации и активности за да не мора секогаш да се отвара телефонот.

Преклопувањето на уредот не е практично само за намалување на големината

Овој вид на телефони имаат голема предност што се намалуваат при преклопувањето и овозможуваат многу полесно да се чуваат во џебот или во некоја чанта или ранец.

Сепак, оваа предност не е главната. Galaxy Z Flip5 посебно го искористува преклопувањето со неколку софтверски можности, а посебно е интересна можност да се држи телефонот како старите камери додека се слика или снима.

Samsung секогаш посебно ја истакнува можноста за работа со телефонот во Flex режим, односно до половина преклопен. Ова е со право посебно истакнато, а интересни и корисни се можностите кои се добиваат.

Да не ја истакнувам очигледната можност за користење на уредот како да има два екрани во овој режим. Посебно сакам да ја истакнам користа која се добива со поставување на уредот на масата и можноста да се користи без потреба од држење.

Ова е посебно корисно кога се прави видео повик, на пример или кога се гледа некој рецепт на YouTube, за корисниците кои уживаат во испробување на своите готварски способности.

Карактеристики и перформанси

Galaxy Z Flip5 доаѓа со 6,7 инчен внатрешен екран, односно превитлив екран, направен со Dynamic AMOLED технологија и стапка на освежување од 1 до 120 херци. Резолуцијата на овој екран е со 2640 на 1080 пиксели.

Надворешниот екран е со големина од 3,4 инчи и Super AMOLED технологија. Резолуцијата на овој екран е со 720 на 748 пиксели, а за да не мислите дека тоа е малку, густината на пикселите е со одлични 306 пиксели на инч.

На задната страна се поставени две камери, двете со по 12 мегапиксели, додека „селфи“ камерата е со 10 мегапиксели.

Телефонот работи на Snapdragon 8 Gen 2, односно посебно прилагодената верзија за Galaxy. Достапни се и 8GB RAM, заедно со 512GB простор за податоци, а достапен е и модел од 256.

Батеријата е со капацитет од 3700 mAh и може да се полни со полнач од 25W, а достапно е и безжично полнење, како и полнење на други уреди безжично.

Не е потребно посебно тестирање за да се дојде до заклучокот за перформансите на Galaxy Z Flip5. Телефоните од Samsung, а посебно тие од највисоката класа, секогаш доаѓаат со одлични перформанси. Користењето на Snapdragon 8 Gen 2 оваа година направи да прашањето за перформансите е јасно како ќе биде одговорено.

Што и да правите со овој телефон, тоа ќе биде извршено без никакви проблеми, а посебно се забележуваат генералните подобрување на перформансите, како на пример тие кои се забележуваат при отворањето и затворањето на апликациите, односно при анимацијата на овој процес.

Посебно ме изненади батеријата која можеби и поради чипот, може да издржи без проблем цел ден на активно користење. Има време додека телефоните со посилни перформанси можат да издржат повеќе при активно користење, но затоа при нормално користење, во вториот ден се доаѓа со едно полнење без никаков проблем.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Функционалност
Перформанси и батерија
Камера
Претходна статијаChrome ќе добие Tracking Protection, но сепак не како кај конкурентите
Следна статијаКорисниците на X сега можат да ја сокријат листата со „лајкови“ на нивниот профил
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-z-flip5Кратко кажано, без размислување можам да препорачам купување на Galaxy Z Flip5 од сите корисници кои се размислуваат. Телефонот скоро и да нема некои маани, па корисничкото искуство е одлично. Новиот поголем надворешен екран ја прави целата разлика, па оваа верзија од телефонот го прави како да е во целосно нова категорија.