После месеци на читање неофицијални информации и гледање на официјалното претставување, конечно дојде и времето за тестирање. Samsung Galaxy S23 е во нашата редакција на тест, па да видиме што донесува овој, за нас, толку очекуван модел од компанијата после повеќе години.

Главната информација која чекавме да биде официјализирана со претставувањето на Galaxy S23 серијата беше користењето на Snapdragon 8 Gen 2 чипот во сите региони од светот, вклучувајќи ја Европа, а со тоа и нашата земја. Потврдувањето на оваа информација направи да очекувањата од овој веќе одличен бренд, бидат на највисоко ниво. Препораката која Samsung од нас секогаш ја добива, оваа година ќе биде додатно зголемена.

Galaxy S23 е одлично дизајниран смартфон кој доаѓа со карактеристики од највисоката класа и овозможува скоро перфектно корисничко искуство

Сепак, да започнеме со основите, а тоа е првиот впечаток по отпакување на уредот, како и карактеристиките кои се дел од него.

Намерно прв на тест го земавме основниот модел, односно првиот на листата Galaxy S23. Овој формат и големина на уреди за нас се најпогодени за користење, посебно за корисниците кои телефоните ги носат во џебот, а не во некоја чантичка или слично.

Galaxy S23 е доста лесен телефон, што во голема мера ја олеснува работата со него, а посебно во вечерните часови кога се разгледуваат десетици, ако не и повеќе, видеа на друштвените мрежи.

Страните на телефонот се доволно рамни за да се добие одличен изглед, од една страна, а и доволно голема површина за сигурно и удобно држење на уредот во било која ситуација.

Главната промена во дизајнот е тргањето на главниот модул од камерите врз кого истите беа поставени, а ова е одлична одлука на Samsung која ги издвојува уредите од серијата од скоро секој друг уред на пазарот.

Изработката на Galaxy S23 е од стакло на предната и задната страна, со одличен „мат“ ефект на задната страна, нешто што изгледа одлично на нашиот црн модел. Стаклото на двете страни е Gorilla Glass Victus 2, со што овој телефон скоро и да не го мислевме дали ќе ни падне или ќе го изгребеме во џебот.

Страната е изработена од алуминиум, но посебна и засилена верзија која треба да е доста отпорна на гребаници и од падови.

Екранот на Galaxy S23 ја задржува својата големина и повторно доаѓа со одличната големина од 6,1 инч, но со подобрен екран кој другите телефони кои ги користиме прави да изгледаат како поевтини. Технологијата во која е изработен е Dynamic AMOLED 2X и секако има стапка на освежување од 120 херци, која е најдобро да биде поставена на автоматско прилагодување.

Екранот има поддршка за HDR10+ и има светлина од 1200 „нити“, додека оваа вредност може да биде 1750 во кратки периоди кога тоа е потребно.

Резолуцијата е со 2340 на 1080 пиксели, нешто што помалку го подржуваме како одлука од страна на Samsung изминатите години. Доста луѓе кажуваат дека поголемата резолуција не може да се забележи, а само троши повеќе батерија, но сепак телефоните се уреди кои ги користиме блиску до очите, па можеби не може да се видат пикселите, но дефинитивно може да се забележи разликата кај поголемата резолуција.

Како и да е, оваа забелешка не ја намалува нашата оценка на екранот, кој има одлична светлина, контраст и прикажување на боите. На ова треба да се додадат прилагодувањата на Samsung за топлината на боите, па користењето на овој телефон е навистина посебно искуство.

Како што веќе кажавме како доста важна и главна информација за Galaxy S23, телефонот работи на Snapdragon 8 Gen 2, односно посебна и нешто посилна верзија од овој чип за разлика од стандардната која ќе ја користат другите производители.

Графичкиот чип е Adreno 740 и доаѓа со поддршка за „ray tracing“ исто како ланските модели од компанијата.

Меморијата на Galaxy S23 е 8GB RAM, како и 256GB кај просторот за податоци. Од тоа што можевме да прочитаме, се препорачува да се земе најмалку овој модел затоа што тој со 128GB работи на побавна верзија од UFS.

Производителите „тактички“ основните модели кои се поевтини почнаа да ги прават со некои вакви „недостатоци“, но знаат дека за повеќето корисници тоа не нешто што не може да се забележи, а посебно што тие не ставаат хардвер стар повеќе години.

Камерите кај Galaxy S23 се три на број, односно четири заедно со предната камера. Главната камера има сензор со 50 мегапиксели, втората камера која е за зумирање има 10 мегапиксели, а таа за ултра широки слики 12 мегапиксели. Предната камера доаѓа со сензор со 12 мегапиксели.

Батеријата на телефонот е со капацитет од 3900 mAh и се полни со полнач со 25W, односно 15W безжично. Достапна е и стандардната за Samsung функција за обратно безжично полнење со 4,5W.

Подобрувањето на перформансите, кое се чувствува при користењето, сликањето и траењето на батеријата е доволно за да се препорача купување на овој телефон

Уште пред да почнеме со користење и тестирање на Galaxy S23 знаевме што да очекуваме. Snapdragon 8 Gen 2 направен за Galaxy, е најдоброто на пазарот моментално за Android. Веќе со години читаме за перформансите на чиповите од Qualcomm, па тестовите направени на уредите кои први излегоа со овој чип, во голема мера ни ги потврдија очекувањата.

Не сакаме да користиме апликации за „бенчмарк“ затоа што од една страна, ги има доволно да се најдат на интернет, а и непотребно ни влијае на користењето на уредот. Тоа што не интересира е практичното искуство со Galaxy S23, а тоа беше точно како што се надевавме, скоро перфектно.

Покрај Snapdragon 8 Gen 2, треба да се истакне дека доста голем удел во одличното корисничко искуство и перформансите има и One UI 5/5.1. Најновата верзија од оперативниот систем, направен на основа на Android 13, на кој работи Galaxy S23 е доволно оптимизирана и со променети анимации, со што се добива крајниот резултат на одличен телефон.

Нема веќе споредба со iPhone и чудење зошто Android конкурентите секогаш заостануваат со перформансите

Веќе не можеме да ги правиме споредбите со iPhone и да се чудиме зошто не можат и другите да го овозможат тоа ниво на „мазност“ при работа, тоа ниво на перформанси и на крајот такво корисничко искуство.

Каде се забележува најмногу разликата кај Galaxy S23 во споредба со претходните модели? Прво може да се забележи во генералното користење на телефонот, иако во овој дел не е огромна разликата, одлични беа и претходните модели, да не се помисли дека тие се нешто лоши. Главната разлика се забележува кога се прават активности кои бараат нешто повеќе процесорска моќ и „рам“.

На пример, кога се сликаат неколку слики по ред, па веднаш се отвори друга апликација каде овие слики треба да се испратат. Претходно се случуваше да од време на време оваа активност „засецка“, па дури и по неколку секунди. Тоа е нешто што веќе не се случува воопшто.

Покрај работата со Galaxy S23, унапредување добиваат и сликите кои покрај разликата во хардверот, добиваат и подобро процесирање поради чипот. Очекувајте да ги вадите некои од најдобрите слики досега со овој телефон.

Сликите кои се добиваат со Galaxy S23 се прилично природни, односно не се добива впечаток на процесирање на сликата повеќе од што би требало. Боите се одлични, исто како и контрастот.

Samsung веќе со години има и додатни функции во самата Gallery апликација кои овозможуваат додатна измена на сликите, па кој не е целосно задоволен со оригиналниот резултат, може да направи нешто подобро. Не ретко, иако сликите се супер, играњето со функциите овозможува да се додаде и мала креативна „жичка“.

Уште едно подобрување кое дефинитивно мора да се истакне е батеријата. Подобреното траење е комбинација од неколку фактори, како што е Android 13 и One UI 5.1 оптимизацијата, тука е и поголемиот капацитет од 200 mAh во споредба со минатата година, а секако тука е и новиот Snapdragon 8 Gen 2 чип.

Сето ова прави да целосно наполнет Galaxy S23 на почетокот од денот, нема да треба да го наполните до наредната вечер. Ова е со поактивно користење на телефонот, инаку слободно ќе може да „избуткате“ уште барем половина ден.

Пресуда

Ретко има телефон кој со ова ниво на сигурно би го препорачале. Веќе одличната Galaxy S серија, Samsung ја има донесено на највисоко ниво. Нема еден дел од овој телефон за кој би посакале да функционира поразлично. Перформансите се одлични, батеријата трае повеќе од претходните модели, сликите се можеби најдобри на пазарот.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Перформанси
Екран
Батерија
Корисничко искуство
Претходна статијаMeta работи на интеграција на вештачка интелигенција кај нивните друштвени мрежи и апликации
Следна статијаApple има таен тим кој работи на развој на технологии за идни производи
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-s23-mali-promeni-vo-izgledot-no-golemi-kaj-performansiteSamsung Galaxy S23 е телефон кој ќе го купат сите напредни корисници кои знаат што е најдобро на пазарот. Очекувањата наши се дека оваа година Samsung ќе постави рекорди во продажбата на оваа серија, а тоа секако ќе влијае и на наредните години.