Samsung оваа година повторно претстави два нови модели од Galaxy Watch, но овој пат наместо Classic верзија се решија за Pro верзија. Со тоа, Galaxy Watch5 серијата го претставува за корисниците Galaxy Watch5 Pro моделот кој е пред се наменет за спортистите, а посебно за корисниците кои планинарат и прават слични активности.

Може да се каже дека Galaxy Watch5 Pro го продолжува претходниот стил на Watch4 Classic во големината на уредот, а оваа година таа има и конкретна намена. Исто така, Galaxy Watch со овој модел добива редизајн после повеќе години, па корисниците може да го изберат овој модел само и поради тој факт.

Тоа што веќе го нема кај поголемиот модел од серијата е ротирачката рамка со која може да се менува корисничкиот интерфејс. За некои корисници ова е голема загуба, но за нас часовникот многу подобро изгледа без оваа рамка. Истата можеби изгледаше одлично и иновативно кога првпат беше претставена, но време беше да се остави во минатото. За тие кои сепак го сакаат тој начин на „навигирање“ тука е виртуелната ротирачка рамка, односно може да се движи со прстот околу екранот.

Големината или да речеме „гломазноста“ на Watch5 Pro е тука за да овозможи подобра заштита на екранот, како и целиот уред за корисниците кои би се нашле во ситуација да можат полесно да го оштетат часовникот. Поради тоа, наместо во преден план на часовникот да е екранот, во случајот со Watch5 Pro тоа е рамката која до некаде е и повисока од екранот. Со тоа веднаш е јасно дека многу е потешко да дојде до удар директно во екранот.

Материјалите кои се користат кај Watch5 Pro очекувано се од сафир и титаниум, па и ударите кои некогаш ќе поминат, посебно кај планинарите, нема да остават штета на уредот.

Карактеристики

Galaxy Watch5 Pro доаѓа со 1,4 инчен екран кој има резолуција од 450 на 450 пиксели со што се добива нивна густина од одлични 321 пиксел на инч. Како што веќе истакнавме, екранот е заштитен со сафирен кристал, а и изработен во Super AMOLED технологијата.

Димензиите на часовникот изнесуваат 45,4 на 45,4 на 10,5 милиметри, а тежината 46,5 грама. Изработката е од титаниум, односно рамката околу екранот, што значи дека ова не е часовник кој ќе треба постојано да внимавате да не се оштети.

Часовникот работи на Exynos W920 чипот од компанијата кој доаѓа со дво-јадрен 1,18GHz процесор и Mali-G68 графички процесор, како и 1,5GB RAM и 16GB простор за податоци.

Батеријата доаѓа со одличен капацитет од 590 mAh и ќе може без проблем да издржи цел ден на мерење активности, а во обичен режим на користење, нема потреба од секојдневно полнење. Ние успеавме да извади цели три денови на користење, но и не сакаме да го оставаме било кој уред под 20%.

Тука се и отпорноста на вода, прашина и удари, а Galaxy Watch5 Pro може слободно да се користи и при пливање со препорака да не се оди повеќе од 50 метри.

Како што би се очекувало, Galaxy Watch5 Pro доаѓа со сите можни функции кои се поврзани со спортот и здравјето, иако некој како и обично не се секогаш достапни во нашата земја. Како и да е, со Watch5 Pro ќе можете да ги измерите сите спортски активности кои би ги правеле, а ќе можете да го измерите и вашето спиење, пулсот, кислородот во крвта, а карактеристично за часовниците од Samsung, тука е и мерењето на составот на телото.

Со можноста за мерење на составот на телото, односно „body composition“ мерењето, немате потреба од купување на посебните ваги кои ја нудат оваа функција, а нашите мерење веќе втора година по ред покажуваат дека разликите помеѓу комерцијалните производи кои нудат вакво нешто, се незначителни.

Со други зборови, не очекувајте ништо „полошо“ мерење само зошто се работи за часовник, а не вага, сепак најточните резултати се добиваат од професионална опрема која не е баш евтина.

Во краен случај, не мора само нашите „скромни“ мерења да бидат доволни, тука е и студијата која ја потврдува точноста и прецизноста на на сензорот за анализа на биоелектричен отпор на Galaxy Watch.

Одлична алатка за мерење на спортски и здравствени информации

Една работа што веднаш мора да се напомене, ако сте веќе корисник на паметен часовник кој е помал и го користите редовно за мерење на спиењето, Galaxy Watch5 Pro не е првиот избор за тоа. Зависно од вашиот „стил“ на спиење, на пример доколку спиете на стомак со раката под перницата, часовникот е доволно голем за да може да пречи.

Сепак, замислата зад овој часовник не е да пред се биде удобен при спиење, туку да биде издржлив при планинарање, возење велосипед, пливање и слични активности.

Што се однесува до тие спортски активности, мора да признаеме дека како корисници на помал паметен часовник, користењето на Watch5 Pro е вистинско задоволство и позитивна промена.

Големината на часовникот остава подобро чувство при вежбање, чувствувајќи дека носите одлична алатка, која исто така не може да се оштети лесно. Замислата на Samsung при дизајнирањето на Galaxy Watch5 Pro е точно погодена, па не можеме да му најдеме маана на овој часовник.

Кога сме кај мерењето на спиењето, Samsung има одличен софтвер и функции кои не само што ја мерат должината на спиењето и различните фази, туку може да го следат рчењето, да даваат предлози за како да се подобри спиењето и слично.

Samsung отсекогаш биле одлични за мерењето на спортските активности. Нашата најчеста активност е трчање на трака, па секако дека го пробавме Galaxy Watch5 Pro, а и го споредивме со другиот часовник што го имаме.

Уште од ланскиот часовник од Samsung, една од најдобрите функции е можноста за мерење на составот на телото. Не ви се потребни ни посебни ваги, ни друга опрема за да бидете во тек со информациите како што се процентот на масти, вода, мускулатура и слично.

Оваа функција е една од клучните за корисниците кои редовно вежбаат и тоа сигурно веќе го знаете. За тие кои ја немаат пробано, време е да видите што пропуштате како информација која ќе помогне доста во вашите фитнес цели. 

Корисничко искуство

Одлична новина која доаѓа со Watch5 Pro е можноста да продолжи функционалноста на часовникот дури и кога не е поврзан со телефонот. Известувањата и другите информации се добиваат преку Wi-Fi конекцијата, па доколку се најдете во ситуација да се оддалечите од телефонот, ќе останете поврзани со известувањата.

Една од најдобрите работи кај часовниците од Samsung веќе втора година е соработката со Google и Wear OS основата за One UI Watch. Покрај тоа што многу добија корисниците на другите часовници кои работат на Wear OS, добија и корисниците на Samsung. Поголем е изборот на апликации, а тука е и достапноста на апликациите и сервисите од Google. Прво нешто што ни доаѓа на ум е достапноста на Google Maps, а оваа апликација на вашата рака ќе се погоди одлично кога сте во странство и не знаете каде точно одите.

Тука секако е одличниот и корисен Google Assistant, па доколку немате проблем да го командувате вашиот уред на англиски, овој асистент е супер за проверка на временската прогноза, за поставување на потсетници, контрола на паметни уреди во домот и слично.

Galaxy Watch5 Pro доаѓа со нестандарден систем на поставување на ремчето кој од кога првпат ќе го наместите, после ставањето и вадењето на часовникот е многу лесно и брзо. Потребно е да се отвори пластичниот дел кај механизмот и да се постави ремчето на саканата позиција на стегнатост. По затворањето на пластичниот дел ремчето е секогаш спремно само да се преклопи, нешто слично како постарите часовници.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Батерија
Функции
Корисничко искуство
Претходна статијаГлобална недела на претприемништвото: Силната соработка во претприемачкиот екосистем носи големи успеси
Следна статијаA1 Македонија со новогодишна промоција и најголеми попусти на пазарот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-watch-5-proКако и секоја година, Samsung ги прави едни од најдобрите паметни часовници на пазарот, а може да се каже дека се и единствената компанија која успешно им конкурира на Apple. Galaxy Watch5 Pro е одлична алатка за корисниците кои често вежбаат и сакаат повеќе информации за своите активности, но со својот нов дизајн мислиме дека ќе го привлече вниманието на повеќе корисници. Немаме забелешки за било кој дел од Galaxy Watch5 Pro и останува само на „вкусот“ на корисникот да го избере својот нов часовник.