Во последно време филмовите што ги гледам се од претходната декада, дури се вратив и до 2010. Moneyball ми беше пријатно изненадување, а кога налетав на The Town, си реков зошто да не. Се сеќавам кога го гледав на времето, ми остави одличен впечаток. Потсеќа на Heat (со примеси на The Departed), има добри глумци, брз и возбудлив филм. Ама на второ гледање, сфатив дека сум грешел. Просечен е филмов.

Како прво, споредбата со Heat е само заради тоа што Бен Афлек, кој е режисер на The Town (ја игра и главната улога), по се изгледа црпел инспирација од ова ремек дело, па на моменти ми се појавуваа флешеви од слични сцени со Де Ниро, Пачино и компанија. Ама да ги споредиш двата филма е како да споредуваш Кока Кола и Пепси. Нешто фали во едното.

The Town ја следи приказната на група момци од Charlestown, град кој дознаваме дека е рај за ограбувачи на банки. Дури, тоа е фамилијарна традиција таму. Од таква фамилија потекнува и главниот лик (Бен Афлек), кој го презема „бизнисот“ на ограбување банки од својот татко, кој одлежува казна во затвор откако грабежот кој тој го предводел завршил со убиство. После еден грабеж, Афлек и компанија дознаваат дека менаџерката на банката што ја ограбиле живее блиску до нивната населба. Од страв да не ги препознае и открие, Афлек почнува да ја набљудува за да види дали нешто може да тргне наопаку. Праксата во ваквите филмови е набљудувачот да се заљуби во својата „жртва“. Секако, тоа се случува и овде.

Тоа води кон различни проблеми што на крај му се враќаат на нашиот протагонист. Таа може да го препознае најдобриот другар и партнер на Афлек по неговата впечатлива тетоважа, но тој сепак преќутува дека е заљубен и продолжува да се појавува во јавност со својата нова женска. ФБИ се исто доста активни, но Афлек сепак решава да го следи своето срце и да ја направи најглупавата одлука во својот живот што води кон секакви фрки понатаму.

Ако морам да го сумирам филмов со еден збор, тоа ќе биде: генеричен. Си гледал безброј вакви филмови, со (анти)херој што сака да избега од своето минато, кој наоѓа љубов на неочекувано место (очекувано ако веќе си гледал десет слични приказни), ама нешто го влече назад, дали се тоа минатите гревови или некој мафијаш со сачмарка вперена во неговата глава. Додади на рецептот генијален цајкан што му дише во врат и го добиваш секој втор филм со грабеж на банки што некогаш бил снимен. Не дека е лош. Акционите сцени се солидни, глумата е исто така добра. Бен Афлек е супер во улогата, исто и Џереми Ренер (кој подоцна се прослави со Авенџерс) а солиден е и Џон Хем (Дон Дрејпер од Mad Man). Но, филмот далеку е од она што сака да биде.

Не можам да го препорачам The Town. ОК е ако немаш ништо на листата и сакаш да гледаш нешто што нема да бара премногу напор од тебе. Лабаво возење. Ако сакаш да изгледаш нешто стварно квалитетно, гледај го Heat. Ако сакаш нешто поново, добра алтернатива е Wrath of Man.

Претходна статијаWindows 11 доаѓа со вградена поддршка за Android апликации
Следна статијаМакпетрол Инфо Поинт: Германскиот автомото сојуз АДАК бара зголемување на процентот на етанол во бензинот