Првпат го гледав Moneyball кога излезе пред десетина години. Тогаш не ми остави којзнае каков впечаток, само се сеќавам дека имаше доста галама околу филмот. Мене не ми беше ништо посебно, уште еден филм за бејзбол. Дури ми беше малку досаден колку што се сеќавам.

Кога пак го гледав пред некој ден, ми стана јасно дека тогаш не сум бил спремен за филмов. Одличен е. Повеќе од одличен. Ептен ми се свиѓа кога некој филм ми ги „отвора“ очите кога ќе го гледам втор пат. Така ми беше и со уште еден филм на Бред Пит, Фајт Клаб (добро, кога првпат го гледав бев во средно, па не се важи).

Moneyball e снимен според вистинска приказна. Го следиме Били Бин (Бред Пит), тогаш генерален менаџер на Oakland Athletics, бејзбол клуб што обично завршува во долната половина на табелата. Филмот не втурнува во период во кој тимот ги губи своите најголеми ѕвезди кои се селат во поголеми и побогати клубови, после уште една неуспешна сезона. Бин е поранешен бејзбол играч, кој после пропаднатата кариера како играч што не го остварил својот потенцијал, се сели позади сцената и се занимава со менаџерски работи.

Бин сфаќа дека не може да се бори против другите тимови со пари. Oakland немаат пари, немаат престиж. Но, може со памет. И вештачка интелигенција. Заедно со неговиот нов помошник Питер (Џона Хил) развиваат систем кој им ја открива ефективноста на различни бејзбол играчи на различни позиции, и предвидуваат колку таа ефективност ќе им помогне да победуваат. На овој начин тие наоѓаат помалку познати играчи (почетници, играчи со физички мани, ветерани при крајот на кариерата) кои индивидуално не се ништо посебно но статистиката вели дека се прилично ефикасни во битни елементи од бејзбол играта. Крајот ми беше bittersweet, нема да откривам ништо, ама задоволен сум од тоа како филмот го претстави крајот на приказната (барем онаа што ја гледав на екранот) на Били Бин.

Бред Пит и Џона Хил се одлични. Мислам дека тоа беше златната доба на Пит, кога се појави во Inglorious Basterds и The Tree of Life. Хил покажа дека може да толкува и сериозни улоги, откако се прослави во тинејџерската комедија (според мене, една од најдобрите комедии евер), Superbad.

Не можам да поднесам бејзбол и самото спомнување на овој збор ми создава негативни емоции. Можеби филмов не ме направи фан, ама ме натера да ја почитувам оваа игра повеќе од претходно.

Претходна статијаРека од тркачи низ Скопските улици на денешната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ
Следна статијаИзбран и третиот патник кој ќе ги придружува Џеф Безос и неговиот брат на првиот лет со луѓе на Blue Origin