The Gentlemen ме изненади колку ми се свиѓаше. Тоа беше класика Гај Ричи филм, во стилот на неговите greatest hits, Snatch и Lock, Stock. Ептен добро си поминав. Wrath of Man ми беше некое време на радарот, ама не ни бев свесен дека Ричи е режисер се додека не ми се појави неговото име на екранот. Се израдував на тоа, ама па и очекувањата ептен рипнаа. Пред да го гледам, очекував класика Џејсон Стетам „пуцачина“, шаблонски. Одамна не ни имам гледано филм со него баш поради тоа што точно знаеш што да очекуваш.

Ама ОК, бев во расположение за таков филм. Само што тука го добиваш и тој елемент, ама со Гај Ричи шмек. Многу добро возење е филмов. Како што реков погоре, ваквите филмови често се прават шаблонски. Имаш харизматичен (анти)херој, кој убива лоши луѓе додека кажува досетки. Секогаш има некоја згодна женска која е во животна опасност, и по некоја екстремно скапа кола, како и акциони сцени кои припаѓаат во научно-фантастичен филм (мислам дека само што го опишав целиот Фаст енд Фјуриус серијал).

Ама овој филм не се симнува на тоа ниво. Секако, не може да очекуваме којзнае каква приказна знаејќи дека Стетам глуми во филм што се вика Wrath of Man. Самиот трејлер и кавер дава доволно хинтови што ќе гледаш. Ама, егзекуцијата е на сосема различно ниво. Иако приказната не е којзнае што, доволно ефективна е, и доволно дава моментум на она што следи. Ричи исто така го прикажува дејствието не-линеарно и од повеќе перспективи, што те држи сконцентриран – тоа е мислам една од главните одлики на Ричи филм, не сакаш да ги тргнеш очите од екранот за да не пропуштиш нешто. Овде недостасува само препознатливиот британски хумор. Но, со оглед на мрачниот вајб, немаше да се вклопи добро.

Нема што да зборам за Џејсон Стетам, типот е роден за вакви улоги. Она што го очекуваш, тоа ќе го добиеш. Она што ми се свиѓа е што воопшто не кажува досетки овде, многу е мрачен неговиот лик, со добра причина. А сето тоа е проследено со еднакво мрачен саундтрак. Неизбежно ми доаѓаат споредби со други вакви филмови, каде што саундтракот е обземен од трап, драм енд бејс и брза техно музика како поддршка на акцијата. Тука имаме само тешки, длабоки труби (?), што сами по себе ти ја дигаат тензијата. Акционите сцени се феноменални, ама не оддаваат впечаток дека се (претерано) нереални.

Уживав во филмов. Гај Ричи врза два прејаки филмови по ред. Не ми се чека уште две години за следниот.

Претходна статијаFacebook воведе мерки против страните и корисниците кои почесто споделуваат неточни информации
Следна статијаIntel претстави нови процесори од 11-тата генерација од U серијата за лаптоп компјутерите