Можеби Windows е најкористениот десктоп оперативен систем во светот и на него ги има сите достапни апликации од пазарот, сепак кога се работи за апликациите прилагодени за уредите со допир или поточно апликациите достапни преку Microsoft Store, ситуацијата не е баш така добра.

На вчерашното претставување на Windows 11 беше претставена новата верзија од Microsoft Store, нешто што се очекуваше и беше најавено и од компанијата. Новата продавница, покрај тоа што има нов дизајн, ќе ги има сите видови на апликации, па може да се очекува да стане централното место за барање на софтвер на Windows 11.

Тоа што не се очекуваше и дојде како изненадување е најавата дека преку Microsoft Store ќе може да се инсталираат Android апликации. Достапноста е направена во соработка со Intel и Amazon, па апликациите ќе може да се инсталираат и преку продавницата на Amazon.

Тоа што е важно е дека овие апликации нема да бидат пуштани преку некој вид на емулатор, туку се најавува нивна интеграција во самиот систем. Подоцна беше најавено дека поддршката нема да биде ограничена само на уреди со Intel чипови, па истата ќе работи и со AMD уредите.

На настанот од Microsoft најавија дека повеќе информации за достапноста на Android апликациите ќе дадат подоцна, па останува да видиме што точно може да се очекува.

Доколку овие апликации навистина бидат интегрирани со оперативниот систем и функционираат без проблеми, Windows 11 ќе има навистина одличен избор на апликации, а тоа посебно ќе направи разлика за корисниците на уреди со екран на допир.

Претходна статијаChina Mobile Zhejiang и Huawei ко-наградени за „Најдобар иновативен комерцијален случај во 5G автоматизација 2021“
Следна статијаThe Town сепак не го бива
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.