Microsoft денеска и официјално ја претстави наредната генерација од Windows, односно го претстави Windows 11. Иако доста од информациите станаа достапни пред настанот, се виде дека останува уште доста да се дознае, а тоа беше случајот на денешниот настан кој од компанијата специјално го одржаа за новата верзија од нивниот оперативен систем.

Може да се каже дека сега Windows е оперативен систем со освежен и модерен изглед, направен врз основа на начинот на користење од страна на корисниците, со конечно унифициран кориснички интерфејс.

Ново Старт мени без „живи плочки“

Главната промена како што се виде и претходно е Старт менито и крајот на „живите плочки“, кои сепак може да се каже дека во одредена форма, доста пологична, продолжуваат да донесуваат информации во реално време преку новиот дел за „виџети“.

Старт менито сега е поедноставно и направено да ги прикажува точно работите кои на корисниците им се навистина потребни за да ја завршат саканата работа. На врвот од менито се наоѓа лента за пребарување, после која доаѓаат апликациите кој корисникот има избрано да бидат „закачени“ во тој дел. Иако се поставени само три реда на апликации, корисниците можат да закачуваат колку сакаат и тие ќе се прикажат како нова страна, а тука е и стандардниот избор за прикажување на листа од сите апликации.

Веднаш под иконите од апликациите доаѓа новиот „Recommended“ дел на кого се прикажуваат работите кои корисникот ги има започнато на било кој уред, како документи и слики. Со ова Старт менито станува корисен дел од Windows кој корисниците веќе нема да имаат потреба да го менуваат во друга форма со различни апликации.

Старт менито, заедно со останатите икони на таскбарот, сега се поставени во средината, поради што доста луѓе прават споредба со macOS и нивниот „dock“. Без разлика, оваа новина е одлична и сигурно ќе им се погоди на корисниците, а посебно на тие со поголеми екрани. За тие кои сепак ја сакаат повеќе класичната лева позиција, истата може лесно да се избере преку Settings апликацијата.

Покрај Старт менито, веднаш се забележува и промената на аглите на прозорите и останатите елементи од корисничкиот интерфејс. Тие сега се заоблени и му даваат на Windows 11 доста освежен и променет изглед. Старт менито исто така не го допира веќе таскбарот, односно истото „лебди“.

Промена има и кај центарот за известувања, а овие промени се скоро целосно преземени од Windows 10X, оперативниот систем кој од Microsoft сепак се одлучија да го откажат и неговите новини да ги пренесат кај наредната генерација, односно Windows 11.

Виџети

Widgets е нов дел кој слободно може да се каже дека е подобра имплементација на „живите плочки“. Наместо за сите апликации, сега виџетите ќе прикажуваат информации за тие кои имаат што да покажат, а истото ќе биде направено во посебен дел, наместо да се преполнува Старт менито.

Виџетите се поставени на „стаклена“ површина, како што ја нарекуваат од Microsoft, која се појавува од левата страна на екранот, а може да се прошири и на целиот екран. За почеток виџетите прикажуваат информации за временската прогноза, календар, акции, а тука се и новостите кои моментално ги гледаме како дел од News and Interests функцијата во Windows 10.

Нови „Windows Snap“ функции

Windows Snap функцијата која се користи за подредување на отворените прозори еден до друг во различни позиции, со Windows 11 добива поголемо подобрување. Со Snap Layouts корисниците нема да мораат самите да го донесат прозорот до делот каде сакаат да биде поставен, иако ова како можност останува, па тоа ќе можат да го направат со поминување со курсорот врз копчето за максимизирање, каде ќе бидат прикажани повеќе позиции каде може да се постави прозорот.

Microsoft исто така посебно истакна дека Windows 11 ќе ги памети позициите на корисникот, па тој лесно ќе може да се врати и да продолжи со својата работа, дури и ако користи повеќе монитори и истите ги вклучува и исклучува.

Интеграција со Microsoft Teams

Наместо Skype, со Windows 11 интеграција во оперативниот систем добива Microsoft Teams. Оваа апликација ќе биде интегрирана во таскбарот, за тие што сакаат, па наместо отворање на целата апликација, корисниците ќе можат да ги видат своите пријатели и разговори директно од таксбарот во прилагоден преглед.

Нова продавница за апликации

Уште една голема новина која може заслужуваше да биде поставена погоре во овој текст е новата Microsoft Store продавница за апликации. Како што се очекуваше, во продавницата сега ќе можат да се додаваат сите видови на апликации, не само модерните. Тоа значи дека во Microsoft Store може да се очекуваат „класичните“ апликации, а за почеток Microsoft ги најавува апликациите од Adobe, како и Zoom, Canva и слични.

Достапност на Android апликации во Microsoft Store

Уште поголема и поинтересна новина е најавата за достапност на Android апликации директно до Microsoft Store. За оваа новина Microsoft ќе говори повеќе во периодот што следи, но сега се знае дека истата е донесена во соработка со Amazon и Intel, а Android апликациите ќе бидат достапни од продавницата на Amazon, не од Google Play.

Microsoft посебно внимание издвои и за перформансите на Windows 11, а посебно за гејминг, нешто што не може да не биде дел од презентација на нова верзија од овој оперативен систем.

Исто така, дел од подобрувањата во системот за надградби на Windows 10X доаѓаат во Windows 11, па корисниците можат да очекуваат побрзи и понезабележливи надградби на системот со помалку проблеми.

Windows 11 ќе биде бесплатна надградба за сите корисници и истата ќе стане достапна од оваа есен. Преку Windows Insider програмата, заинтересираните ќе можат да ја пробаат новата верзија порано, почнувајќи од идната недела.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаОдликувани новите предводници на целите за одржлив развој
Следна статијаДали на вашиот компјутер ќе може да се инсталира Windows 11?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.