Canonical официјално ја пушти најновата верзија од Ubuntu, која стандардно ја пуштаат во овој период од годината. Оваа година на ред е да биде пуштена верзијата која добива долгорочна поддршка, а корисниците сега ќе можат да добијат дури до 12 години на поддршка.
Ubuntu 24.04 LTS е најновата верзија која го носи името „Noble Numbat“. За истата од Canonical истакнуваат дека донесува доста големи подобрувања кај перформансите, а тука е и безбедноста и приватноста за компаниите и програмерите.
Поддршката за Ubuntu 24.04 LTS е за наредните 5 години, но со новата Ubuntu Pro претплата корисниците можат да добијат уште 5 години на поддршка. На тоа треба да се додадат уште двете години кои бизнис корисниците можат да ги додадат за вкупна поддршка од 12 години.
Голем дел од главните новини кои ги донесува Ubuntu 24.04 во споредба со претходната верзија доаѓаат од вклучувањето на GNOME 46 верзијата од оваа десктоп околина на чија основа функционира и Ubuntu. Дел од тие новини вклучуваат работи како подобрувања кај Files апликацијата, редизајниран дел за известувања, подобрувања кај Settings и повеќе.

Дел од Ubuntu 24.04 е и нова технологија и дизајн на процесот на инсталација на системот. Ова е систем кој веќе се користи во сервер верзиите од Ubuntu, па за првпат доаѓа кај повеќето корисници со Ubuntu 24.04.
Новиот систем за инсталација е направен на основа на Flutter, покрај доста подобрен дизајн, на корисниците им донесува и можност за користење на .yaml конфигурациски датотеки за автоматизација на процесот на инсталација.
Повеќе детали за Ubuntu 24.04 LTS можете да прочитате на страната на Canonical.