Microsoft официјално, иако прилично „тивко“, закажа настан кој ќе го одржи на 21 март. Очекувано, самата најава е насочена кон Copilot, односно генеративната вештачка интелигенција, па очекуваме дека на настанот ќе видиме нешто повеќе за што планираат од компанијата на тој план за оваа година.
Во најавата се споменати и Surface серијата на уреди, па според информациите, треба да бидат претставени нови генерации од два од овие уреди.
Уредите кои се очекуваат се Surface Pro 10 и Surface Laptop 6. Настанот ќе биде повеќе насочен кон бизнис корисниците, а надградбата на овие уреди се очекува дека ќе биде не толку голема.
Вниманието на настанот ќе биде повеќе насочено кон вештачката интелигенција, односно интеграцијата на Copilot во Windows 11 и Surface уредите.
Тоа што според мене исто така ќе привлече внимание е Snapdragon X Elite чипот кој ќе биде еден од двата со кои ќе дојде Surface Pro 10. Овој чип треба конечно да им овозможи на Windows корисниците корисничко искуство какво што имаат корисниците на MacBook, а од Qualcomm дури најавуваат подобри перформанси.
Според неофицијалните информации, се очекува дека Microsoft ќе пушти OLED верзија од Surface Pro 10 за приватните корисници подоцна.
Настанот ќе може да се следи од страната на Microsoft со почеток во 18:00 часот по македонско време.