2015-01-27_1516

Некои од нас свесно или несвесно се декларираат за трансхуманисти и со нетрпение ги очекуваат идните развитоци на технологијата како бесмртност; надградба на сетилата преку вештачки леќи, надворешни скелети кои помагаат при атлетски подвизи, слушни апарати кои се поврзуваат директно со ушниот нерв, надградба на интелектуалните способности и така натаму.

Дел од овие технолошки достигнувања се во својот зачеток. На пример, пред некое време научниците успеаа да демонстрираат очна леќа со една ЛЕ диода која свети ако и` се даде сигнал преку WiFi мрежа, а во едно слично достигнување Google се стекна со патент за „паметни“ леќи кои ќе им помагаат на луѓето со дијабет. Сепак, има уште барем една деценија дур да можеме да искусиме навистина голем развиток во оваа гранка.

Како и да е, дел од оваа технологија се пренесува на други места. Па така, една мајка која од својата детска возраст станала слепа конечно деновиве за прв пат го виде своето бебе и маж. Кети Блајц е жена која на својата 11 годишна возраст била прогласена за „легално слепа“. Таа има дегенеративна болест (Штаргардова болест) која ги напаѓа нервните завршетоци на центарот на рожницата, што прогресивно доведува до неможност да се гледаат предмети. Периферната визија обично продолжува да работи, но таа не е доволна за да се гледа соодветно и ваквите луѓе гледаат само недефинирани форми.

Сега со помош на уредот eSight таа успешно прогледува. Уредот ја менува патеката на сликата со тоа што работи како комбинација од камера и проектор. Проекторот е сместен веднаш пред окото и ја проектира сликата на посебен начин што овозможува да се види тоа што е во кадарот. Интересното е што овој уред, за да им помогне на ваквите луѓе, во себе има вградено многу алатки кои ги нема во нашите очи, како: 14 нивоа на зголемување на сликата, потенцирање на контрастот, обратно прикажување на боите и други.

На веб-страницата на производителот е напишано дека: „… многуте уникатни опции на eSight … им овозможуваат на корисниците да видат повеќе работи од тие што ги гледаат нормалните луѓе“. eSight е по малку незграпен, но како и со се` друго, веруваме дека наскоро ќе стане многу помал и подобар во своите карактеристики. Во иднината, ваквата надградба комбинирана со контактни леќи кои проектираат слика или директна поврзаност со очниот нерв ќе овозможи да видиме еден сосема поцелосен свет околу нас (што веќе го наговестија создавачите на „Ѕвездени патеки“ уште пред неколку декади).

Извор: IFLScience

Претходна статијаIntel ќе лансира нов мини компјутер со i7 процесор од најновата генерација
Следна статијаБрзината на светлината варира и во вакуум