Сите сме учеле основи на физиката во основно и средно училиште и веројатно знаеме дека брзината на светлината во вакуум е константа и не може да се надмине. Таа изнесува 298 илјади километри во секунда и се користи како мерка за далечина (т.н. светлосни години). Сепак, на училиште не` учеа дека во науката не постојат апсолутни вистини и дека секоја теорија може да биде сменета со соодветен доказ.
Па така еден научник, професор Мајлс Паџет, успеа преку манипулација на брановата структура на неколку фотони да ги забави. Тој ваквите фотони ги пратил да патуваат во исто време со нормални, и тие стигнале покасно, што значи дека нивната брзина се сменила. Ваквиот наод и експеримент тој го вметнал во својот труд објавен на ArXiv.
Во главно, дефиницијата на c како брзина на светлината во вакуум за повеќето употреби е сосема соодветна. Ние знаеме дека кога фотоните ќе навлезат во течни или цврсти предмети нивната брзина им се намалува и затоа бранот се прекршува (што доведува до изместената слика на предмет пикнат под вода). Сепак, ова не е прв пат (но е еден од ретките) да се докаже дека брзината на светлината во вакуум е флексибилна преку најразлични експерименти, што научниците сметаат дека можеби се должат на ефектот на гравитацијата на големите тела како Сонцето, Земјата и слично.
Професорот Роберт Бојд од Универзитетот од Рочестер, Њујорк, во однос на ова откритие изјави дека: „Не сум изненаден дека овој ефект постои. Но изненаден сум дека ефектот е толку голем и робустен“. Научниците кои го изведоа овој експеримент на крајот додаваат: „Нашата работа покажува дека, дури и во слободен простор (вакуум; заб.) неваријабилноста на брзината на светлината важи само за планарни бранови. Не постојат индикации дека штом брзината на светлината може да се намали, исто така може да се зголеми или помине за меѓуѕвездени патувања“, што навистина ќе биде многу разочарувачко откритие, ако така се потврди во следните 2-3 века.
Извор: IFScience, University of Glasgow