Веќе неколку години се шпекулира дека десктоп и лаптоп компјутерите на Apple ќе почнат да се испорачуваат со истите процесори од смартфоните и таблетите, кои се базирани на “ARM” архитектурата, но Apple и натаму користи Intel процесори за своите Mac OS машини. Сепак, тоа не значи дека покрај нив тие не вградуваат и мобилни процесори – „се во едно“ десктоп компјутерот од високата класа iMac Pro има придружен A10 Fusion чип, истиот оној од iPhone 7 и 7 Plus.

Овој процесор сепак не е наменет за потешките задачи во оперативниот систем и програмите, туку ја контролира “Hey Siri” командата. За таа цел, тој е помогнат од 512 MB помошна рам меморија (настрана рам меморијата наменета за Intel-овиот Xeon процесор со 18 јадра) и интересно, функционира дури и кога компјутерот е целосно изгаснат, односно слуша команди дури и кога оперативниот систем не е подигнат. Apple A10 Fusion процесорот се користи и при подигнување на оперативниот систем, односно ја контролира “Secure Boot” опцијата.

Информацијата за овој процесор ни доаѓа од Стив Тротон Смит и Гиљерме Рамбо, кои ова го откриле преку код во Apple Bridge OS 2.0. Интересно, овој компјутер беше покажан на јавноста уште во јуни и Apple не спомна користење на ваков чип, но тоа е во стилот на компанијата – тие повеќе сакаат да зборуваат за функционалностите кои ги овозможува, како на пример “Hey Siri” командата.

Можноста да го користите овој чип во iMac Pro „се во едно“ компјутерот сепак ќе чини прилично многу пари – основниот модел почнува од 4.999 долари и истиот ќе биде достапен наредниов месец.

Извор: TechnoBuffalo, 9 to 5 Mac, The Verge

Претходна статијаUber набавува 24.000 автономни Volvo XC90 автомобили
Следна статијаСвитливиот Galaxy X се појави на сајт на Samsung, но само како код