quantum13-feature-970-80

Досега, скоро сите мобилни телефони и смартфони кои имаат излезено на пазарот, а се со вградени камери, имаат CCD (кај постарите) или CMOS сензор – и двата со многу слични технологии. Сепак, според InVisage Technologies, овие сензори се застарени и не можат да го извадат максимумот од сцената, па затоа тие го претставуваат новиот Quantum 13 сензор, кој треба да донесе значителни подобрувања.

За разлика од актуелните сензори кои се базираат на CMOS технологијата и кои имаат силиконски филм кој ја блокира светлината, но е потребен за пренесување на електрична енергија, новиот Quantum 13 сензор ќе има посебен филм од Quantum Dots (квантни точки) кој може целосно да ја фати донесената светлина на сензорот.

Како споредба, силиконот во CMOS блокира дел од светлината и затоа се изведува со дупчиња низ кои треба таа да помине, што го намалува протокот. Благодарение на тоа што прима повеќе светлина, новиот Quantum 13 сензор ќе има многу помалку шум и почисти фотографии, особено во вечерните услови.

Покрај подобрувањата во сигналот, Quantum 13 сензорот ќе има и три пати подобар динамички опсег, односно при ситуација со голем контраст, како на пример дење при светло небо и длабоки сенки. Сегашните сензори во телефоните најчесто го горат небото (го прават целосно бело) за да извадат повеќе детали од сенките или обратно, па за добри резултати мора да фотографирате со HDR модот, кој слика минимум две слики со различни светлини и потоа ги склопува. Со Quantum 13 сензорот нема да има потреба од HDR мод – високиот динамички опсег е негова карактеристика.

quantum13-shutter-650-80

Покрај подобрувањата во делот на фотографијата, Quantum 13 ќе донесе и подобрено видео, односно овој сензор веќе нема да има “Rolling Shutter” ефект или искривувањето на сликата при брзо движење на камерата.

Quantum 13 е исто така доста потенок од CMOS сензорот и бидејќи ја прима светлината од сите агли, може да се изведе и со помали леќи. Затоа, со овој сензор може да очекуваме уште потенки телефони, без испакнатина за камерата (како кај iPhone), но и можност за многу побрза бленда, која дополнително ќе придонесе за подобрување на квалитетот.

Првиот сензор на InVisage Technologies има 13 мегапиксели и многу скоро би требало да почне да се вградува во некои модели на паметни телефони, додека во иднина би можеле да го очекуваме и кај професионалните апарати.

Извор: TechRadar, VB, DPReview

Претходна статијаAlien: Covenant – Објавено сижето и датумот на објава за продолжетокот на легендарната трилогија
Следна статијаТехнологијата и здравиот живот – Дел 2 – Уреди