australian-sports-technology-network

По објавата на првиот дел во анализата на спојот меѓу технологијата и здравиот живот кој се однесуваше на разновидните апликации, овој пат ќе се занимаваме со уредите. За оптимизација на здравјето и постигнување на фитнес-целите постојат еден куп уреди кои можете да ги купите и употребувате.

Обично се работи за паметни нараквици, но има и уреди кои (ветуваат дека ќе) откриваат најразлични болести и ќе го следат вашето здравје, давајќи ви совети што да правите во која ситуација.

1. Фитнес уреди (нараквици, паметни часовници, итн.)

Како што веројатно знаете, постојат многу посветени фитнес уреди кои имаат задача да ја следат вашата активност и да ви помагаат во постигнување на целите. Паметните нараквици во последно време стануваат се` поспособни да го постигнат ова со вградувањето на најразлични сензори во нив кои го следат отчукувањето на срцето, правењето чекори, спиењето и така натаму.

Еден пример за ваква паметна нараквица е Polar A360, уред кој е направен и насочен конкретно кон спортисти. Polar A360 истовремено следи повеќе состојби како чукање на срцето, вежбање со тегови или телесна тежина, спиењето, правењето чекори, а сите информации се запишуваат на серверот и преку апликацијата се следи нивното постигнување. Сепак, Polar A360 е прилично скап уред (199 долари) така што можеби не е за сечиј буџет.

Од друга страна го имаме Huawei Band, уред кој за значително помала цена (79 евра во Македонија) ќе ви ги овозможи генерално истите опции, само без сензорот за срцева активност. Сепак, не се „разочарувајте“ бидејќи само што излезе Huawei Mi Band Pulse кој за слична цена ќе има во себе вграден и срцев сензор.

Останува да ги спомнеме и:

и така натаму.

Нормално, тука доаѓаат во игра скоро сите паметни часовници кои имаат сопствени сензори и апликации за следење на вашите фитнес активности, како и паметните телефони кои веќе секој од нас ги има, а имаат можност за инсталација на разни фитнес апликации без купување на било каков уред.

Сакате да започнете со озбилна грижа за здравјето? Купете една ваква нараквица. Ем ќе ви биде жал за парите што сте ги дале ако не вежбате, ем уредот постојано ќе ве потсеќа дека доста е со гледање што вашите трети братучеди прават на Facebook и Instagram и време е за вежба.

2. Уреди кои го следат вашето здравје од медицински аспект

За многу од уредите кои го следат вашето здравје сме пишувале дека ќе се појават во иднина. Сепак, битно е да се споменат бидејќи има доста кои имаат потенцијал да го револуцинизираат медицинското следење и дијагноза на состојби.

Прв пример ќе биде rHealth, почетокот на револуцијата во здравствената дијагностика. Замислете уред кој ќе може да дијагностицира стотици болести само со капка крв. За 15 минути! Е па, веќе нема да мора да си го замислувате бидејќи е на пат да го освои пазарот.

Покрај него доаѓа и MouthLab, уред кој исто така диагностицира цела плејада на болести и заболувања, но овој пат преку устата. Тој може во реално време да мери многу состојби како срцева активност (преку вградениот електрокардиограм), крвен притисок, температура, ниво на кислород во крвта и така натаму, а наскоро може да мери ниво на шеќер во крвта, метаболичкото ниво на организмот и биохемиска анализа на плунката и издишувањето.

Тука ја имаме и нараквицата на Google, чија намена ќе биде да ги следи вашите телесни состојби и да ги испраќа директно до вашиот доктор во реално време; а исто така би ги спомнале и паметните леќи, исто од Google, кои ќе имаат за цел да го следат нивото на шеќер во организмот за да им помогнат на дијабетичарите во однос на вбризгувањето на инсулин.

Постојат уште и компании кои се посветени за најразлични уреди кои треба да ви помогнат во водењето здрав живот, како Oaxis за кои веќе пишувавме. Oaxis нудат паметна вага, паметни фитнес нараквици, паметно шише за течност/вода, апликација која ги спојува сите овие уреди, како и други нефитнес уреди.

Не постои крај кај уредите и нивните можности за следење на вашето здравје. Сепак, останува на вас да ја направите одлуката да се грижите повеќе за своето здравје и да превземете конкретни чекори, дали преку инсталирање на апликација, преку купување на посветен уред за оваа намена, или на стариот добар начин – излегување и вежбање.

Изборот е ваш.

ЗАБЕЛЕШКА: оваа анализа ќе биде надополнувана со нови корисни уреди како што ќе се појавуваат и авторот ќе оцени дека се достојни да бидат спомнати.

Претходна статијаQuantum 13 е нов сензор кој може драматично да го подобри квалитетот на фотографиите кај смартфоните
Следна статијаКако да не го инсталирате Windows 10