Изминатата недела имавме шанса да ја користиме најновата паметна алка од Huawei наменета за следење на фитнес активностите. Наречена едноставно Huawei Band, оваа алка е дел од групата на уреди кои стануваат се’ повеќе популарни, во време кога се’ повеќе седиме, па бараме начини како да се мотивираме да станеме од столчето.
Фитнес уредите и придружниот софтвер се покажуваат како одличен начин за мотивирање на луѓето да почнат да вежбаат, нешто од кое што како луѓе имаме голем недостаток. Ваквите уреди, со следење на активностите, ни прикажуваат статистики кои што овозможуваат добивање на подобра претстава за тоа колку сме активни или не.
Се разбира, овие уреди не се наменети само за корисниците кои што им треба мотивација плус, па одлични се како додаток на тие кои што веќе одамна имаат навика да бидат активни. Користењето на еден ваков уред, може да овозможи увид во активностите, а со тоа и нивно подобрување.
Huawei Band за разлика од другите фитнес алки, а и досегашните алки од овој производител, доаѓа во кружна форма. Тоа овозможува алката да изгледа како обичен часовник, нешто што може да е голема предност за голем број од корисниците кои што можат да ја користат алката како класичен часовник во повеќе ситуации.
Како и сите вакви уреди, Band работи преку поврзување со апликација на вашиот Android или iOS телефон. Поврзувањето со телефонот овозможува и неколку функции од паметните часовници, односно добивање на нотификации за повици и пораки. Ова е голема предност во многу ситуации кога добивате можност да видите кој ве бара пред да решите дали да го извадите телефонот од вашиот џеб или да го прекинете повикот директно од Huawei Band.
Huawei Band доаѓа со следните можности:
- Следење на активности како пешачење и трчање
- Следење на спиењето
- Потрошувачка на калории
- Поставување на фитнес цели
- Потсетник за активности
- Известувања за повици и пораки
- Аларм и паметен аларм
- Се разбира, прикажување на час со можност за избор на повеќе изгледи
ИСКУСТВО ОД КОРИСТЕЊЕ
Huawei Band го користевме активно од првиот ден кога го добивме и за најдобри резултати и тестирање, не го извадивме до последниот. Тоа значи дека го носевме додека седиме, шетаме, вежбаме, трчаме и на крајот од денот кога одевме да спиеме.
Она што ни остави посебен впечаток е тежината на уредот која што е доволно мала да скоро и да не го забележувавме дека го носиме. Тоа е посебно важно за уред кој што е во категоријата на паметни уреди, а сите имаме видено колку големи знаат да бидат паметните часовници.
Позитивно бевме изненадени од тоа колку долго траеше батеријата која што само еднаш ја наполнивме додека го имавме уредот на користење, а тоа беше 5 дена. Исто така, батеријата многу брзо се полни кога ќе дојде време за истото, па немавме впечаток дека треба да полниме уште еден уред покрај мобилниот телефон секој ден.
Сепак, предностите кои што ги истакнавме се резултат на одредени недостатоци на уредот, во споредба со некои од поскапите конкуренти. Информациите кои што се собираат се основни, а често подобро е користење на некоја од другите достапни апликации за добивање на повеќе статистики и анализи на собраните информации. Информациите на екранот, кој што се разбира дека е на допир, се основни и не се прикажуваат одредени графики и бои.
Екранот е OLED, а навигацијата се прави преку повлекување со прстот во разни правци. Можеби ќе ви требаат неколку секунди да ги откриете контролите, меѓутоа набрзо ќе ви станат природни и интуитивни.
Како навистина корисен, Band се покажа со неговата функција за прикажување на дојдовните повици. Со ваков уред на раката, многу побрзо ќе знаете кој ве бара без да мора да го вадите телефонот од џеб или каде и да се наоѓа.
На ова би ги додале и вибрациите кои што се достапни на уредот, па скоро е невозможно да не забележите дека некој ве бара.
Кога сме кај вибрациите, тие се покажаа како многу подобар начин за будење наутро. Наместо гласно пуштање на звук кој што после една недела ви станува најомразениот звук кој што сте го слушнале и го паметите со години, вибрациите се исто така ефикасни во будењето, не без „траумите“ кои што се секогаш присутни со гласните звуци.
Додатно, интересно е после секое спиење кога можете да видите колку часа имате поминато во спиење, а колку од нив во РЕМ фаза. Во нашето искуство, ова објасни многу од расположенијата кои што се појавуваат наутро.
Да заклучиме, искуството со Huawei Band ни беше изненадувачки одлично. Информациите за кои што е наменет овој уред се добиваат на едноставен начин, а посебно интересна е статистиката за спиењето.
Цената по која што Huawei Band ќе се продава во нашата земја ќе биде околу 79 евра, а се очекува да биде достапен до крајот на годината.