Се чувствувате болежливи, не ви се станува посабајле или имате студени сензации по кожата. Мислите дека сте болни. Кој е следниот чекор? Да се посети лекар и/или кој треба да ве види, а понекогаш и ќе ве советува да дадете крв за анализа во некоја лабораторија која треба да ја чекате уште еден ден. Во меѓувреме поминале два дена, а вие се` уште не знаете што точно ви е. А, како звучи скратување на оваа процедура на петнаесеттина минути? Неверојатно?

Научниците од DNA Medical Institute (DMI) не мислат така. Но, за да го демонстрираат истото тие изградија преносен уред кој може да открие стотици болести со само една капка крв и тоа за само 15 минути. Овој уред тие го крстија rHealth и неговото создавање беше потпомогнато од НАСА, Бил и Мелинда Гејтс фондацијата, Американскиот Национален институт за здравје, а само што добија и грант од Нокиа Sensing XChallenge натпреварот.

Целта на натпреварот организиран од Нокиа е да се забрзаат иновациите во детектирачките здравствени технологии. Но следејќи ги барањата од НАСА за уред кој може да се користи и во вселената, rHealth е пренослив и може да се носи во рака – потсетувајќи на Трикодерот од Ѕвездени патеки. Тоа ќе овозможи за некоја блиска иднина практично секој да има ваков дијагностицирачки уред во својот дом со кој ќе може да направи промени на своето живеење или да побара побрза помош во случај кога би открил некоја болест.

Уредот работи така што корисникот ќе достави капка крв во специјалниот дел за таа намена. Таа капка потоа се спроведува низ нанолента и разни реагенси кои реагираат на разни појави во крвта. Потоа капката се спроведува низ микро-мешач и покрај ласери кои проверуваат за коагулација на крвта и други видови на пореметувања, што овозможува да се даде целосна дијагноза. Дијагнозата може да биде од грип, па се` до Ебола, ХИВ и слично. Тимот во исто време создал и лента која корисникот може да ја носи цело време и која мери срцеви удари и нивна јачина, крвен притисок, телесна температура и други, информации кои се доставени до мобилната апликација наречена CHAS (Comprehensive Health Assessment Unit) или до rHealth уредот. Комбинацијата на овие фактори ќе му помогне на корисникот да постави точна дијагноза за само неколку минути.

Бидејќи е преносен, уредот овозможува значително намалување на количеството крв кое треба да се достави од страна на корисникот, а исто така работи во услови на нулта и Месечева гравитација. Во план се додавање на повеќе видови тестови покрај сегашните, кои вклучуваат ХИВ, нивоата на Витамин Д и разни протеински маркери во телото. Покрај новите видови на тестови научниците се обидуваат да го комерцијализираат производот како би можел да стане прифатлив за домаќинствата и тие да можат за некое време во иднината да го нарачаат и да си го подобрат сопственото здравје со негово активно следење и преземање чекори.

Еден ваков систем споен со други кои мерат активност во текот на денот и квалитетот на сон (како што е Up од Jawbone) може да претставува вистинска револуција во одржувањето на човековото здравје на оптимално ниво и зголемување на животниот век.

Извор: Wired, НАСА

Претходна статијаДенес Rosetta ќе го направи првото слетување на комета, гледајте го преносот во живо
Следна статијаТимот на Гугл Ара проектот тестира модул за следење на нивото на кислород во крвта