rosetta20141107-16_0

Rosetta е вселенско летало, односно сонда чија што мисија е да врши истражување на кометата 67P/Churyumov–Gerasimenko. Леталото е направено и контролирано од страна на Европската Вселенска Агенција (ESA) во соработка со земјите членки, како и NASA.

Составена од два дела, сондата која што е опремена со 12 инструменти и Philae слетувачот, својата мисија ја започнува пред 10 години, поточно на 2 Март 2004 година. До кометата успешно стига оваа година, односно на 6 Август 2014 со што започнуваат припремите за нејзино следење, а потоа и слетување.

Минатиот месец можевме да ги прочитаме една од првите информации кои што почнаа да доаѓаат од Rosetta за кометата. Се работеше за мирисот кој што го испушта кометата и може да биде детектиран од страна на инструментите во леталото.

Како што беше најавено, за денеска е закажано слетување на Philae на површината на кометата каде што треба да остане до идната година за собирање на податоци и примероци од површината. Ова ќе биде првото слетување на површина на комета, односно првото успешно, доколку се разбира се помине како што треба.

Rosetta леталото ќе остане во орбита на кометата и ќе продолжи да собира информации. Philae ќе може да остане активен неколку дена, по што ќе чека достапност на сончеви зраци за полнење на батериите.

Слетувањето се очекува да биде завршено во 17:02 часот денеска по македонско време, а Европската Вселенска Агенција ќе врши пренос во живо од случувањата. До сега е потврдено успешното одделување на Philae од Rosetta, што го претставува првиот чекор од неговото слетување.

Преносот во живо е веќе започнат и можете да го следите во продолжение.

Извор: ESA, NASA, The Verge

Претходна статијаMinipresso: Мал преносен кафемат
Следна статијаrHealth – почетокот во револуцијата на здравствената дијагностика
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.