razer-blade

Многумина од нас вљубениците во техниката и натаму имаат два компјутери – пренослив лаптоп за работа и моќен десктоп за гејминг навечер. Момците од Razer имаат решение за нас – мал, пренослив лаптоп со 12,5 инчен екран, кој со дополнителен дел наречен Razer Core, може да се претвори во вистински моќна гејмерска машина.

Идејата не е нова – досега веќе видовме неколку лаптопи кои можат да се поврзат со надворешни графички карти или пак надворешно водено ладење, но решението на Razer секако дека е најелегантно, а воедно е прво кое вклучува мал лаптоп (ултрабук) во равенката.

Имено, лаптопот е прилично стандарден за високата класа – изработен е од алуминиум и има Core i7 процесор со 8 GB рам и 128 GB SSD диск во почетниот модел, со можност за надградба на рам меморијата и дискот. Самиот лаптоп има просечна графика – онаа вградената од процесорот, Intel HD 520, која многумина знаат, не се снаоѓа најдобро со модерните игри.

razer-blade-stealth

За таквите наслови, тука е Razer Core. Се работи за мало куќиште во кое може да се вградат големи графички карти, како на пример ултра моќната NVidia GTC 980 Ti. Куќиштето се поврзува со лаптопот преку Thunderbolt 3 конекција (USB Type-C приклучок) и со самото поврзување, лаптопот се префрлува на таа графика.

Благодарение на Windows 10, поврзувањето или исклучувањето нема да предизвикаат застој во работата на оперативниот систем – исто како кај Surface Book, кој има дополнителна, помоќна графика вградена во тастатурата. Сепак, ова не значи дека некои игри кои не се оптимизирани за префрлањето нема да прекинат.

Сепак, најважно од се за гејмерите е дека перформансите ќе бидат скоро на нивото на десктоп машина. Да, процесорот е и натаму лаптоп варијанта, но поновите игри и така бараат пред се повеќе графичка моќ, а и Core i7 од новата Skylake генерација, макар и верзија за лаптоп, не е за потценување.

razer-core

Секако, на Razer Core може да се поврзе и надворешен монитор преку вградените конектори на графичката карта која ќе ја избере корисникот, но импресивно е што моќната графика може да се искористи и за играње на малиот дисплеј на лаптопот, кој има варијанта со резолуција од 2560х1440 пиксели и Ultra HD 3840х2160 пиксели. Всушност, вака системот е дури и пренослив – еден ранец може да заврши работа за гејмерска сесија кај пријателите.

Покрај можноста за поврзување со надворешна графика, овој тенок лаптоп има и специјална гејмерска тастатура со осветлување во повеќе бои, како и “Anti Ghosting” технологија, што значи дека нема да се јавуваат проблеми дури и ако притиснете повеќе копчиња заедно, како што е случајот со обичните тастатури.

razer-core-1

Razer Blade Stealth има и прилично коректна цена – почетниот модел чини 999 долари, што реално не е многу за ултрабук со вакви перформанси. Цената се качува доколку се надградат компонентите, како на пример да се избере повеќе рам, поголем SSD диск или Ultra HD дисплеј, но најскапиот модел чини 1599 долари, што не е премногу.

Она што е нејасно е цената на Razer Core, односно куќиштето за графичките карти, а ниту се знае кога ќе биде достапно. Она за кое има информација е дека ќе работи само со овој лаптоп, што е мало разочарување – ќе беше добро да може да ги подобри перформансите и на постарите модели на Razer.

Извор: Engadget, The Verge, The Next Web, CNET

Претходна статијаЗаканата од ВИ – дел 1 – вовед
Следна статијаFacebook Messenger го користат повеќе од 800 милиони корисници месечно