artificial_intelligence_circuit_board_face_thinkstock-100528007-primary.idge

Вештачката интелигенција (термин кој веројатно наскоро ќе се смета за навредлив, па предложувам користење на терминот „синтетичка интелигенција“ по примерот на Mass Effect) ќе биде веројатно најголемата тема на „муабет“ за човештвото во следните неколку декади.

Алгоритмите и нивните физички остварувачи, машините и роботите, забрзано стануваат се` поспособни да се носат со задачи кои за луѓето се тешки, досадни и неподносливи. Кој сака да полни ексели или да склопува автомобили по цел ден, нели? Епа засега постојат машини и алгоритми т.е. синтетичка интелигенција која го прави ова на наизглед „весел“ начин – никогаш не се бунтува ниту изразува чувства на досадност против својата судбина.

Едни од најгорливите прашања кои се поставуваат со напредокот на синтетичката интелигенција (понатаму: СИ) се следниве:

  • свесност кај СИ и можните морални ефекти од истото
  • човекова маргинализација на работното место со роботи и машини
  • морални, етички и правни ефекти од ширењето на СИ
  • и други.

Освестување на СИ и моралните импликации од автономијата

Ex-Machina-Android-Alicia-Vikander-Ava

Сепак, дали наскоро ќе се промени тоа? Дали во иднината (некоја) синтетичка интелигенција, доволно автономна и искусна во светот, ќе го доживее моментот на освестување – станувајќи свесна за себеси, својата позиција и потенцијална слобода? Многу од познатите светски научници во најразлични полиња (технологија, биологија, социологија, морал, право итн.) сметаат дека ова е сосема можно.

Можните импликации се безбројни – ќе се постават прашања за себството и личноста на СИ (дали е можна и како може да се докаже дека постои; примерот за филозофско зомби ќе биде обработено во некој иден текст), прашања за автономијата која може да и` се дозволи на СИ (во кое влегува можноста да носи и спроведува морално-оптоварени одлуки), прашања за позицијата на луѓето и човештвото во однос на потенцијално супериорен свесен вид, прашања за применливоста на човековите права врз СИ (право на живот, слобода, заштита од измачување…) и така натаму.

Човекова маргинализација

100646,xcitefun-robocup-1

Освестувањето на СИ е само еден проблем кој ќе треба да го решаваме во следниве децении. Еден друг, поблизок и можеби побитен проблем е човековата маргинализација поради СИ. Имено, како што напоменав погоре, алгоритмите и машините стануваат се` поспособни во извршување на мануелни и досадни задачи, но сепак задачи кои досега ги правеа стотици милиони луѓе ширум светот.

Кога во замена за овие работници на газдите на компаниите ќе бидат понудени машини кои се далеку поевтини и поефикасни во работата, тешко може да се види зошто би ги одбиле, што се случило во текот на Индустриската револуција. Во тој случај се поставува прашањето: што тие работници ќе прават и како ќе заработат за живот (имајќи предвид дека најчесто се работи за необразовани луѓе кои немаат претерана способност да се приспособуваат кон нови технологии и знаења)?

Во ред, мануелните работници ќе останат без работа, но што е со нас интелектуалците? Некои сметаат дека работата и креативната способност на интелектуалците не може да се симулира и изведе преку СИ. Од друга страна, примерите за адвокатски приправници, композитори на музика и „цртачи“ на уметнички дела кои се во основа софтвер, ги демантираат со препотентна насмевка. Ова се само почетоците.

Ниту интелектулаците не се безбедни од навалата на СИ која работи поефикасно, поевтино, со помалку влог до подобри резултати. Дали тоа значи дека маргинализацијата на во главно целото човеково работоспособно население е нешто што треба да се дозволи и прифати? Зошто, знаете, штом интелектуално напредните луѓе се подложни на замена со СИ, тоа ќе значи дека и сопствениците, менаџерите и управителите на компаниите исто така ќе бидат еден убав сончев ден заменети со роботи и алгоритми, та не се сигурни ни тие самите во својата позиција.

Морални, етички и правни ефекти

driverless-car-toon

Ако ги тргнеме двете горенаведени перспективи на страна, се појавуваат ефекти во сферата на моралот, етиката и правото. Имено, примеров е обработуван повеќе пати, но вреди повторно да се спомне:

Вие се возите во вашето возило кое е автономно и управувано од својот софтвер. Пред вас на патот излегува пешак. Ако возилото продолжи по патот и започне да кочи, веројатно е дека вас ќе ве спаси, но пешакот ќе загине. Ако нагло сврти на страна, пешакот ќе преживее, но вие веројатно ќе загинете или ќе имате сериозни повреди.

Кој е правилниот избор (т.е. морален суд), дали возилото воопшто треба да биде во позиција да носи вакви морални судови и кој ќе биде одговорен за последиците?!

Што ќе правиме во случај кога СИ убива работник во фабрика? Или предизвикува смрт на стотици илјади луѓе преку ширење на експериментална бактерија за експериментални цели бидејќи ги нема потребните морални забрани (на пр. Хипократова заклетва) кои луѓето-научници ги имаат? Или пак, предизвикува распад на целосен финансиски систем на некоја држава бидејќи со своите супериорни интелектуални способности ја поробува берзата?

Прашања за иднината и човештвото

bots-vs-humans2

Логичките прашања кои се поставуваат во овие случаи се дали СИ да има автономија и воопшто способност да носи (морални) одлуки, како да се спречат негативните ефекти од СИ и кој ќе одговара ако сепак настанат.

Како што пишав погоре, околу (потенцијалната) опасност од СИ коментираат и многу од светските иноватори, инженери, теоретирачи, филозофи и практичари. Повеќето интелектуални умови повикуваат на благ оптимизам и голема претпазливост во развитокот на СИ (како што е отвореното писмо за глобалната трка на вооружување, а некои безглаво си тераат кон развивањето на се` поспособна СИ бидејќи се сигурни во својата позиција на моќ и богатство (што е фалична позиција, како што објаснив погоре).

Кои се` прашања ќе ги постави СИ во иднината, можните решенија и како ќе се разврзе клопчето за човештвото ќе го анализирам во поголеми детали во следните текстови. Дотогаш, ако не сте ги гледале следниве филмови, наша срдечна препорака:

  • Terminator 1 / 2
  • Her
  • Ex_Machina
  • I, Robot

Дополнителни информации: Смартпортал, Quartz, The Next Web

Претходна статијаLenovo IdeaCentre 610S е футуристички стилизиран десктоп компјутер со вграден проектор
Следна статијаRazer Blade Stealth – Ултра тенок лаптоп преку ден, гејмерски десктоп навечер