LG-Gram-CES-Thumbnail-01

Корејскиот производител конечно влегува и во трката со конкурентите во лаптоп сегментот и тоа со најлесниот лаптоп со големина на дисплејот од 15 инчи. И бидејќи лаптопот тежи помалку од еден килограм, оттаму и името Gram – уредите од оваа серија на LG ќе се мерат исклучиво во грамови, наместо во килограми.

Вкупно, лаптопот тежи само 980 грама – ова е повеќе од двојно, па и тројно помалку од лаптопите со оваа големина кои сега може да ги купите во продавниците. Всушност, денес е навистина тешко да се начека лаптоп со 15 инчен дисплеј кој тежи помалку од 2 килограми! Затоа, постигнувањето на LG со новиот Gram 15 добива уште повеќе на, кхм, „тежина“.

Исклучително ниската маса е постигната благодарение на користењето на легура од магнезиум, која воедно треба да овозможи и голема цврстина. Покрај ниската маса, Gram 15 го краси и прилично тенко тело – само 15,2 милиметри, што е меѓу најдобрите резултати во оваа класа.

За среќа, ниската маса не е постигната преку намалување на перформансите, односно вградување на некој послаб процесор – достапни ќе бидат модели исклучиво со Core i5 и Core i7 чипови, додека дисплејот има солидна Full HD резолуција од 1920х1080 пиксели. Лаптопот нуди и целосна поврзливост, која вклучува USB Type-C порта, USB 3.0, HDMI, micro USB и слот за micro SD картичка.

И на крај, како јаготка на шлагот, LG тврди дека нивниот Gram лаптоп ќе понуди и квалитетно аудио доживување, благодарение на Cirrus Logic конвертерот, кој прави многу помалку дисторзија и шум на звукот.

Единствено, траењето на батеријата ќе биде малку пократко од она на конкурентите – LG вели дека можат да се извадат максимум 7 часа, што значи дека во реалниот свет, корисниците треба да се надеваат на 4-5 часа.

Секако, LG Gram ќе доаѓа со вграден Windows 10 оперативен систем, а ќе биде достапен и во неколку бои меѓу кои и златна, која станува се помодерна меѓу ваквите уреди. Цените се уште не се познати, но треба да се очекува дека купувачите ќе платат малку повеќе за сите овие новитети.

Извор: The Verge, PCWorld, Mashable

Претходна статијаOrigin PC – Уште еден моќен гејмерски „се во едно“ компјутер
Следна статијаГрупни видео повици доаѓаат на Skype за Android, iOS и Windows 10 Mobile