Иако во тек е Mobile World Congress и на него за прв пат после подолго време Samsung не го претставува својот знаменосец, секоја информација за Galaxy S8 поминува со огромен интерес, а особено кога е ваква. Да, ова се првите видеа од импресивната S8-ка, кои ја покажуваат во вистинското светло.

На видеото најдобро може да се види како ќе изгледа новата S8-ка, бидејќи дисплејот е пуштен и конечно добро може да се забележи исклучително малата рамка околу него. Заедно со “Edge” закривеноста на страните, која ќе биде стандардна и за двата модели и високиот 18,5:9 сооднос на страните, S8-ката дефинитивно ќе ги привлекува погледите одоколу. Едноставно, Galaxy S8 е меѓу првите смартфони кој изгледа како да има само дисплеј, што е за поздрав.

Сепак, не се е позитивно. Видеата потврдуваат дека читачот за отпечатоци на прсти ќе биде поставен многу високо во задниот дел, до камерата. Кај многу смартфони тој е поставен под камерата и е перфектно добар и за оние со помали раце, но поставеноста до камерата е малку дискутабилна. Ова особено важи за левучарите, на кои веројатно ќе им биде уште потешко да го стигнат. Секако, финалните коментари ќе ги задржиме додека уредот не биде официјално претставен.

Овие две видеа ни даваат многу појасна слика за Galaxy S8 и Galaxy S8+, кој ќе биде само поголема верзија, но ќе има ист дизајн. Сега, Samsung би можел единствено да не изненади со софтверот, како со новиот асистент Bixby кој ќе го замени Google Now и Samsung DeX, кој ќе овозможи користење на телефонот како десктоп компјутер коа ќе се приклучи на поголем дисплеј.

Samsung Galaxy S8 ќе биде претставен на 29 Март на посебна промоција во Њујорк и од него се очекува да го врати Samsung на првото место на продадени смартфони, а по проблемите со Galaxy Note 7.

Извор: Techno Buffalo, The Verge, Tech Radar

Претходна статијаУличните светилки на AT&T го олеснуваат сообраќајот
Следна статијаОфицијално GTX 1080 Ti 35% подобра од GTX 1080