Протекоа и првите фотографии од новиот Galaxy S8, како и што очекувавме. Со нив доаѓаат и многу неочекувани информации кои инстантно го прават смартфонот на Samsung многу поинтересен за целата јавност, но има и некои податоци кои ќе загрижат голем број на корисници.

Прво, големо изненадување е што дисплејот ќе биде многу висок и тесен, со сооднос на страните од 18,5:9. Да потсетиме, претходно најавивме дека LG G6 ќе има висок дисплеј со сооднос од 18:9 (2:1) и дека тоа ќе биде една од неговите главни предности во однос на конкуренцијата. Сепак, бидејќи протечените фотографии и информации се од твитер профилот на Evan Blass, @evleaks, можеме скоро да бидеме сигурни во информацијата дека и Galaxy S8 ќе има висок и тесен дисплеј.

И не само тоа – дисплеите и на двата модели ќе бидат многу поголеми отколку досега. Основниот Galaxy S8 сега ќе има дисплеј од дури 5,8 инчи, додека “Plus” моделот ќе има дисплеј со големина од 6,2 инчи. Бидејќи дисплејот ќе биде потесен, површината нема да биде голема колку на смартфон со таа големина и 16:9 сооднос на страните, па очекувајте ширина како досега и малку поголема висина.

Целосните димензии на моделите нема да бидат многу поголеми од тие на досегашните бидејќи рамката околу дисплеите ќе биде многу мала. Исто така, краевите ќе бидат заоблени и на двата модели, што дополнително заштедува по некој милиметар. Резолуцијата на екраните ќе биде многу висока – во ширина веројатно и натаму ќе биде 1.440 пиксели, но во висина ќе биде скоро 3.000 пиксели поради соодносот на страните. Секако, тие ќе биде Super AMOLED.

Новите информации сепак носат и неколку непријатни изненадувања. Големината на батериите ќе биде 3.000 односно 3.500 mAh, што делува малку за толку големи смартфони, иако Samsung најавува дека новите чипови изработени со големина на транзисторите од 10 nm ќе трошат помалку енергија.

Кога сме кај чиповите, тие сигурно ќе бидат Snapdragon 835 и Exynos 8895 зависно од пазарот, но според информациите од Evan Blass ќе имаат само 4 GB рам меморија, иако очекувавме дека најмоќните модели ќе имаат дури 8 GB. Од друга страна, почетниот модел сега ќе има 64 GB простор за складирање податоци, што е одлична вест.

Промени ќе има и кај камерите, но не како што се очекуваше. Задната и натаму ќе има 12 мегапиксели и f/1.7 бленда и ќе има можност за визуелно пребарување само преку насочување на камерата на некој предмет. Предната камера пак сега ќе има 8 мегапиксели и исто така брза f/1.7 бленда, па од неа може да се очекува да биде една од најдобрите на пазарот.

Во дизајнот однадвор пак голема промена е тоа што веќе нема да има “Home” копче во предниот дел, туку тоа ќе биде заменето со виртуелни софтверски копчиња. Иако се очекуваше, читачот за отпечатоци на прсти нема да биде вграден во дисплејот, туку назад до камерата каде се чини дека ќе биде малку тешко достижен, но тоа ќе го коментираме откако смартфонот ќе излезе на пазарот.

Galaxy S8 ќе има и неколку дополнителни функции, како читач за ирисот на окото (позајмен од Note 7) и можност за користење како десктоп компјутер преку Samsung DeX. Овие смартфони ќе бидат и првите со новиот асистент на Samsung наречен Bixby, кој е развиван во соработка со Viv Labs и кој според најавите ќе биде многу подобар од конкурентите на Google, Microsoft и Apple.

За прв пат, новите Galaxy S8 модели нема да бидат претставени на MWC во Барселона, туку тоа веројатно ќе се случи на 29 Март на посебна промоција на Samsung. Цената на новите модели веројатно ќе биде околу 100 евра повисока од таа на актуелните.

Извор: Venture Beat, The Verge, Daily Mail

Претходна статијаНадградете го својот Apple уред, инаку може да бидете лесна мета на напади
Следна статијаУлтра тенките OLED телевизори на LG ќе го истенчат и вашиот паричник – почнуваат од 8.000 долари