Една од најголемите предности на засега неуспешниот Windows 10 Mobile оперативен систем е Continuum функционалноста. Со неа, смартфонот можете да го користите и како десктоп решение со поврзување на поголем дисплеј, преку специјален адаптер наречен DeX. Информациите дека и Galaxy S8 ќе има ваква можност стануваат се погласни и според нив, Samsung дури ќе вклучува адаптер во самото пакување.

Овој адаптер е потребен за да може да се извадат неколку дополнителни излези/влезови преку USB Type-C приклучокот, како на пример HDMI, USB и сл. Со поврзувањето на поголем монитор Samsung сигурно ќе спреми и различен дизајн и корисничко искуство, прилагоден за користење со маус и тастатура. Единствен проблем во старт би можеле да бидат апликациите, од кои засега ниту една не е оптимизирана за работа со маус и тастатура, но тоа сигурно ќе се промени откако Android апликациите ќе станат достапни и за Chromebook лаптопите.

Ова дефинитивно ќе биде функционалност која ќе го разликува Galaxy S8 од сите други конкуренти, но доколку корејскиот бренд сака да направи систем кој ќе функционира и кој ќе биде примамлив за купувачите, треба да направи цел еко систем од хардверски решенија. Според тоа, очекувајте додатоци како мала или склоплива тастатура и лесен и пренослив маус. Интересно решение би било и лаптоп школка во која би се ставил телефонот.

Покрај можноста да се користи како десктоп компјутер, Galaxy S8 веројатно и понатаму ќе има стандарден 3,5 mm излез за слушалки, што е одлична вест во време кога поголемиот дел од производителите се одлучуваат да го исфрлат.

Galaxy S8 ќе биде достапен дури во Април, односно нема да биде претставен на MWC во Барселона како досега. Како и да е, сигурен сум дека скоро сите информации и податоци ќе ги дознаеме многу порано, па следете не редовно доколку сакате да бидете во тек со нив.

Извор: Techno Buffalo, The Next Web, The Verge

Претходна статија100 дена нѐ делат од Виз Ер Скопскиот маратон
Следна статијаMicrosoft предупредува дека Windows 7 веќе не е безбеден за бизнис корисниците