Поголем дисплеј и помала батерија е обично рецепт за почесто седење близу до некој штекер. Ова најверојатно ќе биде случај со новите Galaxy S8 и S8 Plus на Samsung, кои ќе имаат помали батерии од тие на нивните претходници и покрај тоа што ќе имаат многу поголеми дисплеи.

Имено, според информациите кои ги имаме засега, новите смартфони од високата класа на Samsung ќе имаат 5,8 инчен, односно 6,2 инчен дисплеј кај Plus моделот. Екраните ќе бидат потесни и повисоки, со сооднос на страните од 18,5:9, што значи дека ќе имаат помала целосна површина од дисплеи со 16:9 сооднос, но како и да е, ова ќе бидат гигантски екрани споредено со оние на Galaxy S7 и S7 Edge.

Батериите исто така ќе имаат помал капацитет во однос на зголемувањето на дисплеите. Galaxy S8 ќе има всушност иста батерија од 3.000 mAh, за 0,6 инчи поголем дисплеј, додека Galaxy S8 Plus ќе има батерија од 3.500 mAh, споредено со 3.600 кај Galaxy S7 Edge, кој има 0,7 инчи помал дисплеј. Причината за ова може и да е проблемот со батеријата кај Note 7, која немаше доволно простор околу неа за да може да „дише“.

Ова одѕвонува прилично лошо кај идните купувачи, иако лично не би бил многу загрижен. Galaxy S8 моделите ќе имаат многу поштедливи процесори, понов и поефикасен Android оперативен систем и сигурно уште поштедливи Super AMOLED дисплеи. Всушност, траењето на батеријата очекувам да е исто или делумно подобро отколку кај претходниците, што со оглед на нивните перформанси, би било прилично солидно.

Galaxy S8 и S8 Plus ќе бидат претставени на 29 Март на посебна промоција на Samsung.

Извор: GSM Arena, NDTV, BGR

Претходна статијаПрви импресии: Moto Z е модуларен смартфон со навистина корисни додатоци
Следна статијаAMD Ryzen ќе бидат двојно поевтини од Intel, но нема да работат на Windows 7?