Sony го претстави помоќниот PlayStation 4 Pro, донесува 4K HDR гејминг

Напишано на 09.09.2016 - 14:12 од Иво Гиевски

ps

За многумина, PlayStation 4 веќе беше доволно моќна конзола, но оние кои имаат 4K телевизори досега не можеа да играат во таа резолуција, туку само во Full HD. Новиот PlayStation 4 Pro има помоќни внатрешни компоненти, кои овозможуваат репродукција на 4K резолуција, но сепак не очекувајте графика на нивото на PC гејмерските компјутери.

Поточно, PlayStation 4 Pro ќе може да направи “Upscale” на сликата од Full HD во 4K, односно самите игри нема да имаат вистинска 4K графика, како што имаат компјутерите. Подобрувања ќе има, секако – новиот модел може да продуцира повеќе графички информации, што значи дека текстурите ќе бидат подетални и целосно сликата ќе биде поостра, но повторно, ова нема да биде вистински 4K гејминг. За тоа ќе треба да го почекаме PlayStation 5.

Од друга страна, според мене вистинска промена ќе направи HDR, односно “High Dynamic Range”, односно сликата ќе има повеќе информации во најтемните и најсветлите делови, што може драматично да го подобри искуството при играње, бидејќи поголемиот дел од игрите имаат дизајн со поголем контраст. Оваа можност со надградба ќе биде достапна и во постарата и ново претставената PlayStation 4 Slim конзола.

ps4-slim-actual

Со освежената PlayStation 4 Pro конзола ќе бидат компатибилни сите досегашни и идни игри. Исто така, постарите игри ќе можат да добијат надградби кои ќе можат да ги искористат помоќните перформанси на оваа конзола, односно да понудат подобрена графика. Подобрената графика ќе можат да ја почувствуваат и оние со Full HD телевизори, што е исто така добра вест.

Помоќните компоненти ќе овозможат и репродукција на 4K видео преку Netflix и YouTube, кои веднаш добија нови надградби за своите апликации, но PlayStation 4 Pro за жал нема да може да репродуцира 4K видео преку Blu-ray диск.

Цената на PlayStation 4 Pro ќе изнесува 399 долари со 1 TB диск, а за оние кои немаат 4K телевизор или пак немаат толкав буџет за играчка конзола, достапна ќе биде и потенка PlayStation 4 Slim верзија на постариот модел, која ќе чини 299 долари.

Извор: Geek, The Verge, Venture Beat

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.

Контакт: [email protected]