Прво видео од новата и иновативна Nintendo Switch конзола

Напишано на 21.10.2016 - 11:14 од Иво Гиевски

nx_hardware

Nintendo отсекогаш бил најиновативен во секторот на играчки конзоли – додека конкуренцијата главно напредува во перформансите, тие прават конзоли со кои се обидуваат да ги поместат границите во класата. Најдобар пример за тоа е новата конзола Switch, која може да функционира како домашна и како преносна конзола.

Засега нема детални информации за вградениот хардвер, но чипот ќе биде веројатно од Nvidia и според нив тој содржи графика која потекнува од новата Pascal архитектура наменета за десктоп компјутерите. Сѐ уште не може со сигурност да се каже како оваа графика ќе функционира во тенок уред со големина на таблет, но според тоа што на уредот може да се игра Skyrim, можеме да бидеме оптимисти за квалитетен 1080p гејминг.

Но, новата конзола на Nintendo е многу повеќе од тоа. Имено, Switch е всушност таблет кој може да го понесете со себе за да продолжите да ја играте играта, а кога сте дома, таблетот се става во држачот, кој е пак поврзан со вашиот телевизор. Нормално, вашиот таблет може да го прикачите и на други држачи, каде и да одите и да продолжите со играње на игрите. На таблетот може да ги прикачите и контролите од новиот џојстик, кој може да  се расклопи за супериорен гејминг дури и кога сте надвор од дома.

Идејата е извонредна – реално во ова време младите многу почесто се во движење, односно ги нема класичните седенки пред компјутерите. Флексибилноста која ја нуди Switch може да биде одлучен фактор во купувањето на нова конзола, особено за оние корисници кои досега ги измачуваа своите паметни телефони и таблети за играње на игри. Искрено, вака на прв поглед лично и јас сум возбуден и сериозно би размислувал за конзола која би можел секаде да ја носам со себе.

Најдобра вест од сите е што и главните дивелопери на игри како Ubisoft, Bethesda, 2K, EA, Sega, NIS America, Telltale, Warner Bros, Atlus, Epic Games и Bandai Namco се позитивни околу Nintendo Switch и најавија дека ќе развиваат нови игри за неа, нешто што не беше случај со Wii U.

Извор: The Verge, Engadget, IGN

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети.