Vaio-Z (3)

Иако Sony лани се откажа од производството на Windows лаптопи и се фокусираше на паметните телефони и таблетите со Android оперативен систем, Vaio проектот не застана и сега ги лансира првите два нови модели по разделбата со јапонскиот гигант.

Првиот лаптоп во понудата Vaio Z е всушност супер тенок “Ultrabook”, со големина на екранот од 13,3 инчи и дебелина од само 16,8 милиметри. За перформансите ќе се грижи i7 процесор од најновата, Broadwell генерација на Intel, а ова ќе биде и еден од првите лаптопи во својата категорија кој ќе ги користи новите PCI-e SSD дискови со двојно поголема брзина од досегашните, но и многу помали димензии.

Сепак, од Vaio велат дека не е се во бројките и дека новиот Vaio Z ќе импресионира во деталите. На пример, екранот, преку целосно нов механизам, ќе може целосно да се сврти и да се користи како таблет, слично на Yoga серијата на Lenovo. Вградена е и целосно нова тастатура, која има многу подобар фидбек, а според Vaio, произведува и многу подобар, потивок звук.

Vaio-Z (1)

Лаптопот е целосно изработен од карбон – фибер, кој е заслужен за високата цврстина и ниската маса од само 1,34 kg. Она со кое најмногу се гордеат инженерите е тоа што новиот Vaio Z може да издржи фантастични 15 часа и 30 минути со едно полнење на батеријата, што го прави најдобар “Ultrabook” на пазарот во таа категорија, а е благодарение на новата поставеност на литиум – јонската батерија, која сега искористува повеќе од просторот на лаптопот. Vaio Z има дури и специјален мод за штедење, кога дисплејот пушта светлина под агол, што ја намалува потрошувачката за 40% во однос на обичен LCD со иста осветленост. Цената на Vaio Z во Јапонија ќе изнесува околу 1.600 долари, што е меѓу поскапите во сегментот.

Вториот лаптоп, пардон, таблет во понудата е Vaio Z Canvas. Таблетот ќе доаѓа со тастатура која лесно ќе може да се прикачи и да овозможи целосно, лаптоп искуство. Големината на екранот е 12,1 инчи, со резолуција од 2560х1704 пиксели, а истиот ќе доаѓа со специјално пенкалце, кое ќе овозможи лесно цртање со неколку различни зони на притисок. Исто така, ќе може да прикаже 95% од RGB палетата на бои, што значи дека ќе може да прикаже слика која ќе биде скоро иста како во реалноста. Детали за тоа кој процесор ќе се вградува во Vaio Z Canvas се уште нема, но знаеме дека ќе има SSD диск со големина од 256 GB и можност за зголемување до 1 TB, како и огромни 16 GB рам меморија, најголема бројка во еден таблет досега. Според тоа, лесно е да се заклучи дека овој модел ќе биде наменет за покреативните, односно уметниците и оние кои работат со фотографија или видео.

Vaio-Z (2)

Интересно, со името на овие два модели, Vaio означува нов почеток. Z е всушност првата буква од “Zero”, односно нула и нема никаква врска со “Z” серијата на паметни телефони на Sony. Или барем така треба да веруваме. Како и да е, среќни сме што воопшто Vaio се враќа на сцената и со себе ги носи сите иновации по кои беа познати годините наназад.

Vaio-Z (4)

Извор: Engadget, The Verge

Претходна статијаНовиот Exynos 7 на Samsung е првиот мобилен чип изработен по 14nm процес
Следна статијаWindows 10 со поддршка за биометриска автентикација