Веќе подолго време зборуваме за читачи за отпечатоци на прсти кои можат да работат преку стакло, а кои треба да ги видиме во најразлични модели на паметни телефони наредната година. Synaptics веројатно ќе го произведува најголемиот дел на вакви читачи – нивниот нов FS9100 може да прочита отпечаток преку прилично дебело стакло од 1 mm. Кај смартфоните стаклата се многу, многу потенки.

Но, што значи ова за дизајнот на паметните телефони од наредната година? Прилично многу – со овој сензор смартфоните нема да мора да имаат посебен дел каде ќе го ставите прстот, како на пример вдлабнатина или посебно копче. Сега, производителите на паметни телефони ќе можат да дизајнираат поминималистички телефони, без дополнителни вдлабнатини.

Ваквиот читач за отпечатоци значи и многу помалку расипување, бидејќи нема да има хардверско копче. На пример, кај телефоните како Samsung Galaxy S7 и iPhone 6S, хардверското копче често се расипува. Исто така, поради тоа што нема да се прави дупка во стаклото или металот за читачот, телефонот ќе има поголема цврстина, а овој сензор ќе работи и со влажни прсти – актуелните се многу поосетливи на влага.

Synaptics FS9100 треба да почне да се произведува на почетокот од 2017 година, но во помали бројки. Производот ќе биде широко достапен кон половината на наредната година. Од телефоните кои би требало да го имаат, прв ќе биде веројатно Samsung Galaxy S8. Имено, Samsung веќе неколку години користи сензор на Synaptics во своите телефони и скоро сигурно тие ќе се одлучат на FS9100.

Извор: The Verge, TechCrunch, Digital Trends

Претходна статијаШто не очекува во 2017 на полето на соларната и обновливата енергија
Следна статијаСтудии на далечина за лица со телесен инвалидитет