Корејскиот гигант најверојатно ќе лансира неколку различни верзии на своите идни знаменосци. Покрај тоа што стандардните телефони ќе имаат дисплеј без рамка во предниот дел и посебен модел ќе може да се витка, сега е најавено дека ќе има и модел со два дисплеи – едниот во предниот и едниот во задниот дел.

Идејата на Samsung е да го опипа пазарот со неколку модели, за да види што најмногу сакаат купувачите. Досега веќе неколку производители се обидоа со два дисплеи, но со многу мала успешност. Сепак, можно е на крај токму овој модел да биде оној кој ќе може да се свитка. Имено, кога телефонот би се свиткал на половина со цел да биде полесно пренослив, однадвор и натаму би имало помал дисплеј на кој корисникот ќе може да ги види поважните информации и нотификации.

Ваков уред би имал најмногу смисла, бидејќи ќе го има најдоброто од „двата света“. Одлично би било надворешниот дисплеј да биде e-ink, бидејќи во тој случај не би трошел воопшто енергија, но скоро сум сигурен дека Samsung ќе се одлучи на OLED дисплеј, кој може да прикажува информации на црна позадина без да троши многу енергија.

Најидеално решение сепак би било уредот да се витка „нанадвор“, односно кога ќе се свитка, дисплејот да гледа и од двете страни надвор. Во тој случај нема да има потреба од дополнителен дисплеј, кој само би ја покачил цената на производот и би го направил посложен. Исто така, бидејќи дисплејот ќе биде Edge, кога ќе се спојат двете закривени страни, се добива голема површина за прикажување информации и нотификации.

Сето ова се само желби и најави – Samsung Може да има и целосно друга идеја за паметен телефон кој може да се свитка. Сепак, јасно е дека тие подготвуваат ваков модел за наредната година, кој би можеле да го видиме уште во Март – Април заедно со лансирањето на стандардниот Galaxy S8.

Извор: International Business Times, Tech Times, Yahoo

Претходна статијаИндија ја пушти во употреба најолемата соларна централа
Следна статијаSkype може во реално време да преведува повици на мобилен и фиксен телефон