520061-nvidia-geforce-gtx-1050

Играњето игри во Full HD резолуција и натаму е позастапено отколку што производителите на графички картички ќе ве натераат да помислите. Сигурен сум дека многу од вас кои играте на вашиот компјутер имате монитор со 1920×1080 резолуција, односно Full HD и многу се ретки оние кои имаат монитор со реолуција од 2560х1600 или 4K, односно 3840х2160 резолуција.

Доколку имате Full HD монитор, не трчајте по скапите графички картички како GTX 1070 или 1080, па дури ни по AMD RX 470. Причината е што тие модели се направени за играње на најновите игри на повисоки резолуции, па доколку немате монитор со висока резолуција, веројатно и нема да имате потреба од нив.

Од Nvidia ветуваат дека нивната најевтина графичка од серијата „1000“ досега ќе овозможи мазен гејминг при 60 слики во секунда на сите понови игри на Full HD резолуција. Иако ова треба да се потврди во реалноста, нема зошто да не веруваме на производителот, кој со новата Pascal архитектура на која се базира и оваа графика буквално направи квантен скок во перформансите.

Ќе бидат достапни два модели на 1050-ката – обичната GTX 1050 и помоќната 1050 Ti. Цената ќе изнесува 109 односно 139 долари, што е извонредно ниско за графичка која може да ги „вози“ сите понови игри на Full HD резолуција и притоа без проблем да репродуцира и 4K видео за оние кои сакаат да гледаат филмови од компјутерот на својот телевизор. Голема придобивка е и намалената потрошувачка – 1050 ќе троши максимум 75 вати, што значи дека нема потреба од ново скапо напојување за оние кои немаат графичка во својот систем.

Двата модели се разликуваат по тоа што поевтиниот има 640 CUDA јадра и 2 GB DDR5 меморија, додека поскапата има 769 CUDA јадра и 4 GB DDR5 меморија. Иако сѐ уште ги немаме бенчмарковите, лесно е да се претпостави дека GTX 1050 ќе се натпреварува со AMD RX 460 и 470, кои имаат делумно повисока цена.

Според тоа, доколку набрзо планирате да купите графичка со која ќе го освежите вашиот малку постар компјутер и сѐ уште планирате на играте на Full HD резолуција, препорачувам да почекате да излезат сите тестирања и цените дополнително да паднат – веќе има најави дека AMD ќе ја намали цената на RX 470 моделот, а сигурен сум дека тоа ќе повлече намалување и на сите други графички во ниската и средната класа.

Извор: PC World, The Verge, Engadget

Претходна статијаМакпетрол продолжува со инвестиции и проширување на сопствените капацитети
Следна статијаMisfit Phase е паметен часовник кој изгледа како обичен часовник