epson-640x427

„Добро размислете пред да ја испечатите оваа порака“ – често можеме да го видиме како завршеток во некоја е-пошта која ни била испратена. Рециклирај, рециклирај, рециклирај… тоа е мотото на денешницата. Ова особено важи за хартијата за чие производство се трошат огромни количества вода и се сечат огромни површини на шума.

За да се намали овој проблем светот се ангажира околу рециклирање на хартијата која се користи, но процесот е бавен и скап бидејќи се собира искористената хартија, па се уништува со сечење за да се уништат податоците на неа, па потоа се пренесува до фабрика за рециклирање која тек на крајот создава рециклирана хартија.

За да го забрза и можеби поевтини овој процес на помош доаѓаат Epson со нивниот PaperLab. Се работи за машина голема колку голем шкаф чија главна задача е да рециклира хартија. Едноставно ја пикате искористената хартија во едниот крај и по неколку минути на другиот крај добивате совршено бела нова хартија спремна за користење.

PaperLab може да создава до 14 А4 листови по минута или околу 6.700 листови во текот на 8 часа, што е сосема доволно за било која канцеларија. Воедно можете да изберете дали сакате А4 или А3 листови и која дебелина ја сакате. Epson се фали дека машината користи т.н. „сув“ систем на рециклирање што ја поништува потребата машината да биде врзана за водоводниот систем. Сепак, потребно е одредено количество на вода кое најверојатно се доставува преку полнење на специјално буре.

Се` уште не знаеме како PaperLab функционира точно, но од Ars Technica пронајдоа еден патент на компанијата кој опишува начин на распаѓање на веќе употребена хартија. Се работи за распаѓање на хартиените влакна во центрифуга, а потоа одделување на мастилото преку циклонски систем.

Воедно, не знаеме колкава ќе биде цената на оваа машина, но веруваме дека ќе биде прилично голема. Како и да е, се надеваме дека Epson нема да бидат единствени кои ќе понудат ваков систем, па да можеме да престанеме да ги мачиме кутрите шуми со неконтролираната сеча.

Извор: ArsTechnica, Engadget, Epson

Претходна статијаНајнов тренд за 2015 – Именување на децата по Instagram филтер
Следна статијаFreeSync технологијата на AMD отсега ќе може да работи и преку HDMI