Овој едно време најпознат email сервис, може да се каже дека ретко кој се’ уште го користи во денешно време. Меѓутоа, од компанијата не се откажуваат, па фактот дека сервисот редовно се надоградува, покажува и дека сепак има доволно корисници.

Оваа недела Yahoo воведува неколку новини кои што можеби ќе привлечат нови корисници, а го прават овој сервис понапреден и поконкурентен.

Новините вклучуваат целосно нови мобилни апликации за Android и iOS, како и дополнителни промени на веб. Апликациите вклучуваат поедноставен кориснички интерфејс, а исто така од компанијата истакнуваат дека треба да работат многу побрзо од досегашните верзии.

Yahoo Mail апликациите вклучуваат можност за повлекување врз пораките, нешто што се покажа како доста корисно, а со тоа и популарно кај другите вакви апликации. Со повлекувањето корисниците можат да ги означат пораките како прочитани или да ги избришат.

Пребарувањето во апликациите е исто така унапредено. Истото се извршува директно на серверите на сервисот, а во прв план е ставено пребарувањето на контакти, нешто што корисниците најчесто го прават според Yahoo. Исто така, при пребарување, резултатите се поделени според категории, односно доколку не е контакт тоа што го пребарувате, можете да погледнете резултати за прикачени фајлови, слики и пораки.

Новините на сервисот вклучуваат и можност за поврзување со Facebook, Twitter и LinkedIn, со што се добиваат слики за контактите и кога не се во вашата листа на контакти. Сервисот исто така на едноставен и истакнат начин ги прикажува основните информации за лицата кои што испраќаат пораки, па може веднаш да се видат и кога не се дел од контакт листата.

Интересен додаток на сервисот е можноста за брзо испраќање на порака на себеси, нешто што од компанијата истакнуваат дека корисниците често го прават. Со подолго притискање на копчето за нова порака, се активира оваа можност.

Новината која што ја оставивме за на крај, може да се каже дека привлекува најмногу внимание. Се работи за функцијата наречена Yahoo Account Key која што овозможува најавување на сервисот без потреба од лозинки.

Оваа функција тоа го овозможува преку мобилниот телефон, односно преку испраќање на нотификација при обидот за најава. Тоа значи дека кога и да сакате да се најавите на Yahoo од некој компјутер, се што треба да направите е да го дозволите тоа на нотификацијата која што ќе стигне на вашиот мобилен уред.

Од Yahoo истакнуваат дека овој начин на најавување е и многу посигурен од користењето на лозинки. Доколку некој успее да ја дознае вашата лозинка, нема да може да се најави на вашиот сервис, поради тоа што истото ќе мора да го одобрите вие преку вашата апликација.

Новите Yahoo Mail апликации се достапни за корисниците на iOS, додека за Android истата постепено ќе биде пуштана во текот на неделата.

Извор: Yahoo, TNW

Претходна статијаКога е создадено Земјиното јадро ?
Следна статијаSamsung и LG ќе лансираат телефони што ќе се виткаат веќе наредната година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.