Meta ја најавија најновата верзија од нивниот Meta AI сега направен на основа на Llama 3 големиот јазичен модел. Со ова доаѓа и проширување на достапноста во повеќе земји, поточно во уште 13 земји надвор од САД, но тоа е се’ уште далеку од масовна достапност во целиот свет.
Meta AI е асистент кој е направен на основа на големите јазични модели и генеративната вештачка интелигенција, а беше претставен за првпат минатата година во рамките на Connect конференција.
Според најавата од Meta, имплементацијата на Meta AI може да се очекува во сите нивни апликации и мрежи, а достапна е и посебна веб страна преку која асистентот ќе може да се користи „класично“ како ChatGPT и другите.
Имплементацијата на Meta AI во сите апликации и мрежи од компанијата значи дека до асистентот ќе може да се пристапи преку Messenger, Facebook, Instagram и WhatsApp.
Meta AI ќе биде достапен преку разговорите од овие апликации, но ќе може да се користи и преку лентата за пребарување, како и директно во објавите од корисниците.
Meta го замислуваат користењето на нивниот асистент во ситуации како барање помош во разговорите за организирање на некое патување или вечера, за помош при учење, за повеќе информации за објавите и слично.
Meta AI исто така ќе може да се користи и за генерирање на слики, очекувано кога ќе се земат како споредба и конкурентите. Imagine е наречена оваа функција и ќе може да се користи директно во разговорите од апликациите на Meta, а корисниците ќе можат да побараат креирање на слики, како и измена и анимирање на постојните слики.
Пуштањето на Meta AI во целиот свет ќе оди постепено, па може да се каже дека ќе поминат повеќе месеци додека стигне до сите.