Внатрешното Земјино јадро има неколку функции. Тоа содржи тешки метали и во својот состав најмногу има железо и никел (до што е дојдено преку анализа на сеизмичките бранови кои патуваат низ Земјата). Овој состав му овозможува да биде основниот извор на земјиното магнетно поле кое овозможило заштита на живиот свет од сончевите зрачења.
Според најновата студија изработена од истражувачи од Универзитетот од Ливерпул, внатрешното јадро на Земјата настанало пред отприлика 1 до 1,5 милијарди години. Ова доста добро соодветствува со настанокот на првиот едноклеточен жив свет пред отприлика 900 милиони години.
Инаку, на Смартпортал и претходно пишувавме за Земјиното внатрешно јадро и како тоа е создадено од два дела – внатрешно внатрешно и надворешно внатрешно. Да, знаеме дека е комична комбинација на називи. Една од можните теории за ваквиот состав е дека Земјата рано во својата историја се судрила со огромен објект кој го „голтнала“ и го интегрирала како свое јадро.
Практично, внатрешното јадро веројатно ги „украло“ тешките елементи од надворешното јадро, овозможувајќи да ја зголеми својата густина и да го развие магнетното поле на кое денес му благодариме за избегнувањето на моментално добивање на рак на кожа.
Сепак, за разлика од Земјата, Марс го изгубил своето магнетно поле некогаш во историјата, што предизвикало уништување на површината поради разорниот ефект на сончевото зрачење, испарување на површинската вода и уништување на евентуалниот жив свет кој постоел таму.
Извор: IFLScience, Science Daily