David Breyer

За уредот кој наводно Microsoft го спрема, а треба да биде на превиткување, читаме веќе одамна. Од неофицијални информации, до патент апликации, можевме да видиме дека во компанијата нешто такво сепак постои, но никако да излезе нешто официјално.

Името на проектот, исто така неофицијално е Andromeda, а за разлика од хибридните лаптоп/таблет компјутери од компанијата, ова треба да биде хибрид помеѓу помал лаптоп/таблет и мобилен уред.

Од The Verge објавија дека имаат дојдено до интерни документи од Microsoft во кои се објаснува Andromeda уредот. Со ова се потврдува неговото постоење, иако тоа не значи дека сигурно ќе биде претставен некогаш.

Уредот би бил дел од Surface серијата, очекувано, а исто така може да се каже дека би бил уште еден обид на Microsoft на пазарот на мобилни уреди.

Во документот уредот се опишува како „нов Surface уред кој може да се носи во џебот кој донесува заедно иновативни нови хардверски и софтверски искуства за да креира навистина лично и различно компјутерско искуство“.

David Breyer

Surface линијата на производи од Microsoft се покажа како доста популарна, а и првата која успеа преку воведување на нов тип на производ од компанијата. Се верува дека од Microsoft чекаат кога ќе биде најпогодното време за претставување на нов вид на уред, а како што истакнавме тоа може и да не се случи никогаш, барем на конкретно за овој уред.

Microsoft не се единствени кои спремаат уред на превиткување, а од тоа што можевме да го видиме, можеби Samsung се отидени најдалеку, односно би требало да го имаат најдоброто решение.

Идната година сигурно ќе видиме вакви уреди, па со сигурност може да се каже дека првата половина од 2019 ќе биде навистина интересна.