Star Trek

Стар Трек (серијалот) во последниве години доживува реинкарнација. Неодамна почна да се прикажува Star Trek: Discovery, која имаше цел да го оживее серијалот и да му ја врати старата слава.

Меѓутоа, оваа серија, иако помина добро во првата сезона, не се соочи со најсјајни критики ниту преголема гледаност, а богами во моментов се соочуваат и со низа други проблеми. Откако првиот предводник (showrunner) на серијата си замина од продукцискиот тим уште пред да излезе првата епизода, сега има повторно промена на кормилото.

Двајцата нови showrunners (Гречен Берг и Арон Харбертс) си заминуваат поради „лидерски и оперативни причини“. Повеќе детали не се познати, но тоа и не е толку важно.

Важно е (барем за љубителите на Стар Трек) да добиеме серија која повторно ќе не внесе во универзумот кој го засакавме гледајќи го на Телма „на времето“.

А токму тоа и може да се случи, ако им се верува на најновите шпекулации, според кои Патрик Стјуарт се согласил повторно да го толкува познатиот капетан на Ентерпрајз, Жан Лук Пикард.

Оваа вест сигурно влева топлина во срцата на сите “trekkies“ низ целиот свет. Познатиот ќелавко е еден од најомилените ликови во историјата на научната-фантастика.

Продолжението на мега-популарната серија се очекува да има премиера кон крајот на 2019 година. Да се надеваме дека чекањето ќе вреди.

Претходна статијаInstagram Stories добиваат можност за додавање на музика, но не за сите корисници
Следна статијаПроектот Andromeda на Microsoft навистина постои, а еве како го претставуваат внатре во компанијата