Еве нешто што многумина упатени не веруваа дека може да се случи – најголемите конкуренти на компјутерската сцена, Intel и AMD, би можеле наскоро да се здружат. Ова партнерство би можело да ги донесе графичките чипови на AMD во популарните Core процесори на Intel, што изгледа прилично примамливо.

Причината за ова е што во моментов Nvidia е доминантниот производител на графички чипови, кој има најголем дел од колачот на пазарот. AMD, доколку сака да се задржи во играта, ќе мора да преземе нешто. Моментално, тие не се многу профитабилна компанија и немаат многу пари за развој на понатамошни продукти, иако имаат знаење.

Лиценцирањето на нивната Radeon графика на Intel може да ги донесе потребните средства за развој на нови архитектури на графички чипови со кои AMD ќе може подобро да конкурира на Nvidia во битката за што поголем колач кај лаптоп и десктоп компјутерите. Во моментов, AMD реално го има само пазарот на играчките конзоли – нивна графика користат и Microsoft со XboX One и Sony со PlayStation 4.

Од друга страна, со здружувањето со AMD, Intel ќе добие многу помоќни графички чипови во своите процесори. Моментално, нивните Core процесори се опремуваат или со Intel HD или со Iris графика, кои од година во година стануваат помоќни, но и натаму не на нивото на оние на AMD и Nvidia.

Што ова значи пак за новата Zen архитектура на процесорски единици на AMD? Веројатно и не е многу добра вест – главен адут на процесорите на AMD последниве неколку години е помоќната вградена графика. Доколку нивниот најголем конкурент Intel ја има истата графика, тогаш тие ја губат главната предност.

Сепак, дури и Zen да успее, би можело да помине многу време пред AMD повторно да биде профитабилен во овој дел на пазарот. Згора на тоа, продажбата на лаптопи и компјутери продолжува да опаѓа и не е на нивото на кое што беше пред неколку години. Според тоа, потенцијалното здружување со Intel би можело да биде спас и за двете компании, особено во „борба“ со супер моќната Nvidia.

Извор: PCWorld, ExtremeTech, Forbes

Претходна статијаPebble престанува со работа, дел од компанијата продаден на Fitbit
Следна статијаТалент од Македонија – Томи Џуровски