project-ara-2

Денес, има многу голем избор на паметни телефони, но исто така, многу мали можности за персонализација. Project Ara ќе се обиде да го смени тоа, со можност за менување на апсолутно секоја компонента на паметниот телефон, зависно од тоа што му треба на корисникот.

Сето ова звучеше скоро невозможно пред неколку години. Имено, дури и кај поголемите компјутери, промената на компонентите не е најлесна и бара основно познавање, а кај мобилните само квалификуван сервис. Со Project Ara, ќе можете да ја смените камерата, процесорот, меморијата, просторот за складирање податоци и дури и дисплејот, целосно сами.

project-ara-8

Ова ќе овозможи секој корисник да го конфигурира телефонот по својот вкус. На пример, оние што сакаат фотографија, ќе можат да стават подобра камера, оние што сакаат игри, можат да стават посилен процесор и посилна графичка, или пак оние кои често се надвор од електричната мрежа, ќе можат да стават поголема батерија. Можностите се скоро неограничени!

Досега веќе неколку пати гледавме промотивни видеа за можностите на Project Ara телефонот, но сега Google за прв пат покажа како овој концепт ќе работи во пракса. Иако е се уште во рана фаза на развој, модуларниот паметен телефон, опремен со Android оперативниот систем, без проблем може да ги изврши сите команди кои му се дадени. Исто така, многу од компонентите се лесно променливи, дури и без исклучување на телефонот.

project-ara-6

Возбудливиот уред на Google и натаму е далеку од производство и во почеток се планира да се пуштат само неколку тест уреди во Порторико, со цел понатамошен развој. Според некои информации, Project Ara телефонот би требале да можеме да го купиме наредната година, со цена зависна од тоа кои компоненти ќе се изберат.

Извор: Ubergizmo, Techno Buffalo, The Verge

Претходна статијаДали Skype треба да се смета како телеком оператор и да подлежи на соодветните закони?
Следна статијаLenovo Magic View – Паметен часовник со втор приватен екран