lenovo-magic-view-590x330

Вашиот паметен рачен часовник има најразлични функции. Во главно се базира на екран осетлив на допир со кој може да отворате најразлични апликации или да го користите како најобичен часовник. Проблемот со тоа е што ако го користите како уред за читање е-пошта или проверување на известувањата од социјалните мрежи, истото може да го види било кој што е во ваша близина.

Затоа од Lenovo го претставија најновиот концепт за паметен рачен часовник кој под главниот екран има втор кој според нив е „приватен“ – во смисла дека никој друг освен вас не може да го види. Тоа го постигнуваат со специфична „оптичка рефлексија“ која оневозможува гледање на сликата од страна туку само од вашата позиција, а вториот екран според Lenovo е 20 пати поголем од главниот. Притоа, не е објаснето што значи тоа 20 пати поголем, дали мислат на 20 пати поголема резолуција или самиот екран изгледа 20 пати поголем поради специјалниот начин на прекршување на светлината.

lenovo-magic-view-2

Како и да е, од Lenovo го рекламираат Magic View како начин да се прегледуваат мапи, дополнителни слики, супертајни пораки и слично. Проблемот со користењето на вториот екран е што ќе изгледате доста чудно додека го користите бидејќи треба да го доближите окото навистина блиску до него, а и треба да го држите часовникот многу мирно за да нема расипување (заматување) на сликата.

Не знаеме каков ефект ќе има Magic View врз користењето на паметните часовници и дали воопшто ќе се користи овој екран, но останува да видиме што ќе понуди Lenovo во иднина околу овој концепт и дали ќе го надгради да биде поупотреблив.

Извор: Engadget, Geek

Претходна статијаПрво демо од Project Ara, модуларниот телефон на Google
Следна статијаGoogle и Qualcomm се здружија во развојот на Project Tango