Скоро сите смартфони од високата класа денес се префрлија на нов сооднос на страните за дисплеите, потесниот и повисок 18:9 (односно во случајот на Galaxy моделите на Samsung, уште повисок 18,5:9), кој ги прави смартфоните полесни за користење со една рака, иако имаат прилично големи дисплеи.

Сепак, досега поддршка за вакви екрани имаа само чиповите од високата класа, па поради големата популарност на ваквите телефони, Qualcomm се одлучи можностите да ги вгради и во својот чип од средната класа, Snapdragon 636. Овој процесор е само подобрување на 630, кој беше претставен неодамна и е скоро исклучиво наменет за смартфони со 18:9 дисплеј и максимум резолуција од 2160х1080 пиксели.

Новиот Snapdragon 636 процесор донесува и подобрување во перформансите – новите Kryo 260 јадра се 40% побрзи од тие на 630-ката, додека графичкиот чип Adreno 509 е 10% побрз. Според тоа, доколку во иднина се одлучите на смартфон со овој чип, може да очекувате солидно работење со оперативниот систем во телефонот и поддршка за потешки, графички интензивни игри. Покрај сето ова, Snapdragon 636 е опремен и со Spectra 160 сигнален процесор наменет за преработка на фотографии, како и модем кој поддржува 4G брзини од 600 Mbps.

Компанијата засега нема најавено во кои смартфони би се вградувал овој процесор, но очекувам скоро секој поголем производител да има таков модел од средната класа, а тоа особено важи за Samsung, LG, Xiaomi, HTC итн. Првите примероци ќе бидат испорачани на производителите во ноември, што значи дека првите модели на телефони може да ги очекуваме на почетокот од наредната година.

Извор: Engadget, ZDNet, Tech Advisor

 

Претходна статијаIntel Nervana ќе биде првиот процесор исклучиво наменет за вештачка интелигенција
Следна статијаConsumer Reports: Galaxy S7 е подобар избор за смартфон од iPhone 8?